СДСМ со документи тврди дека Изет Меџити е вклучен во скандали, Мицкоски бара докази

Опозицискиот СДСМ денеска со документи добиени од свиркачи тврдеше дека поради злоупотреба, Државниот управен инспекторат со Решение Бр. 11-1653/2024 од 17.01.2025 година официјално ги одзел ингеренциите на вицепремиерот Изет Меџити во делот на потпишувањето на административни документи.
Организацискиот секретар на СДСМ, Мартин Костовски, на прес-конференција ги презентираше „доказите кои потврдуваат дека вицепремиерот Изет Меџити незаконски ги заобиколувал институционалните процедури, со цел лично да одлучува кои документи и предмети ќе бидат одобрени или стопирани.
Документите кои до нас ги доставија свиркачи, а кои ги презентираме денес, покажуваат дека Меџити ги пречекорувал своите законски овластувања, лично потпишувајќи ги сите предмети, без законска основа и без почитување на процедурата за административно постапување. Со тоа, Изет Меџити не само што вршел злоупотреба на позицијата, туку се отвора и сериозно сомневање дали на овој начин сакал да воспостави контрола и да има простор за уцени кон фирмите и граѓаните“.
Поради тоа Државниот управен инспекторат ги одзел ингеренциите на Меџити во делот на потпишувањето на административни документи
Костовски додаде дека ова не бил прв скандал во кој Меџити е вмешан и ги наведе најавите за 3.000 партиски вработувања до крајот на годинава.
„Јавно го прашуваме Христијан Мицкоски: до кога ќе го штити Изет Меџити?“, рече Костовски
Премиерот Мицкоски одговори дека има доверба во работењето на Изет Меџити. А од прес-конференција ѝ порача на ДУИ доколку имаат докази за негово незаконско работење да ги достават.
Мицкоски беше прашан за коментар на соопштението на ДУИ во кое тие изразија сомнежи за распределбата на фондовите за проекти во културата, посочувајќи дека Сарана Адеми, која е шеф на кабинетот во партијата на Меџити, Демократско движење, била именувана за член на комисијата за музичка дејност.
„Сите оние кои поседуваат какви било докази за такво нешто за кое ДУИ тврди еве ги повикувам, мојот број сите го знаат. Денес, утре, да дојдат, ако треба ќе напуштам состанок да ги видам тие докази и да ги дадеме на органите коишто треба да постапуваат. Во спротивно морам да ги предупредам од ДУИ дека продолжуваат да сеат пердуви, да се занимаваат со магла, магла којашто е оптоварена со зборот корупција бидејќи тоа беше нивно второ име во минатото“.
Во врска со најавите за партиски вработување се огласи и Антикорупциската комисија со соопштение.
„ДКСК укажува дека актуелните најави за вработувања во јавната администрација, од страна на одредени политички субјекти во Република Северна Македонија, не смеат да бидат предмет на договор на политички структури. Секое вработување мора да биде во согласност со закон, по мерит систем и без никакви влијанија.
Секоја изјава за ‘договорни’ партиски вработувања во јавната администрација ја нарушува довербата на граѓаните во јавните институции и генерира ризици од корупција во постапките за вработувања. ДКСК веќе направи антикорупциска проверка на предложените закони за вработување во јавниот сектор и на предлагачот му
укажа на можните ризици од корупција кои истите ги генерираат.“, вели Антикорупциска.