СДСМ се сомнева дека ВМРО-ДПМНЕ стои зад некои од дојавите за бомби
ВМРО-ДПМНЕ ја попречува работата на институциите во спроведување на мерките за справување со дојавите за поставени бомби во училиштата, тврди Миле Талески, пратеник на СДСМ. Според него, во јавните настапи на претставници од ВМРО-ДПМНЕ, како на пример на Весна Јаневска која повика на непочитување на новите протоколи, директно се поткопува дејствувањето на надлежните институции во борбата против хибридните напади. Тој отиде и подалеку поврзувајќи ги за првпат овие настапи со можна инволвираност на ВМРО-ДПМНЕ во дојавите за бомби.
„Безбедносна на учениците и обезбедување непречен образовен процес се најважни и новите протоколи за постапувањето, изработени од експерти, се во оваа насока. Благодарение на таквиот пристап веќе четири дена наставата се одвива без прекин, а безбедноста на учениците и наставниците е загарантирана. Обезбедено е и соодветно присуство на полицијата во училиштата.
Она што загрижува и што отвора сериозни сомнежи е деструктивното однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ директно поврзано со поткопување на работата на институциите.Како пратеник и претседател на Комисијата за одбрана и безбедност имам обврска пред граѓаните, но и пред Собранието да реагирам јавно. Министерството за внатрешни работи има сознанија за тоа од каде доаѓаат дојавите, а покрај од трети земји, дел од нив се и од македонска територија. Однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ отвора сериозен сомнеж за нивната улога. Дали ВМРО-ДПМНЕ на некаков начин е поврзаната со внатрешните соработници?“ – праша Талески.
Со своето крајно неодговорно однесување, рече тој, ВМРО-ДПМНЕ застанува зад хибридните напади чија цел е создавање немир, тензии, недоверба и чувство на страв кај граѓаните.
„Ова не е и не смее да биде тема за дневна политика, се работи за безбедноста на училиштата и наставниот процес.ВМРО-ДПМНЕ треба да престанат да ја опструираат и поткопуваат работата на институциите кои работат на обезбедување целосна безбедност на децата, на неутрализација на проблемот и овозможување непречена настава“, изјави Талески.