СДСМ се сомнева дека Александар Јанев бил незаконски назначен на чело на БЈБ

Опозициската СДСМ денеска по информациите објавени во неколку медиуми и поднесената анонимна претставка до ДКСК го доведува во прашање назначувањето на Александар Јанев за директор на Бирото за јавна безбедност поради основани сомнежи за незаконитост на неговата диплома за магистерски студии на Универзитетот Скопје.
„Во неговата официјална биографија објавена на страната на МВР нема точен датум на стекнување на звањето магистер. Дополнително, ниту на сајтот на Универзитетот Скопје нема никакви податоци за јавна одбрана на магистерски труд. Не може да се најде ниту запис во електронските системи на универзитетот или Министерството за образование за проверка на плагијат.
Сето ова е законски задолжително.
Според Законот за научноистражувачка дејност, секој магистерски труд мора најмалку 30 дена пред одбраната да биде внесен во системот за проверка на плагијати.
Јанев бил именуван на 28.6.2024 година. Дали е точно дека системот не функцонирал токму во тој период?“, рече на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Потоа постави неколку прашања:
Дали Владата на ВМРО-ДПМНЕ на чело на БЈБ избрале човек кој не ги исполнува законските услови? Дали станува збор за фалсификување документи заради партиски интереси? Зошто МВР молчи за овие јавно објавени сомнежи?
СДСМ бара одговори на овие прашања и итна истрага од Јавното обвинителство.