СДСМ: Савески го спасува криминалот на ВМРО-ДПМНЕ


Новиот јавен обвинител Ненад Савески (Фото: Б. Грданоски)
 
Новиот јавен обвинител, Савески, откако е дојден на функцијата, работи по нарачка на Христијан Мицкоски, нагласи генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, на денешната прес-конференција. Димитријевиќ посочи дека премиерот Мицкоски врши сериозен упад во независноста на правосудниот систем и работата на обвинителството, поставувајќи луѓе блиски до власта.
 
„Како што и претпоставувавме, Мицкоски и овој пат лаже, кога вели дека не го познава и дека биографијата била пресудна. Изгледа дека нашите сомнежи ќе се покажат како реални. Мицкоски на телевизија разрешува обвинител, поставува свои советници за судии, сопруги на партиски функционери, не спроведува реформи. Потоа, од говорница му задава задачи на обвинителот“, рече Димитријевиќ.
 
Во тој контекст Димитријевиќ, додаде дека новиот јавен обвинител постапува онака како што ќе му делегира премиерот Мицкоски што е чекор кон спасување на криминалниот имот на ВМРО-ОКГ.
 
„И обвинителот постапува, прво со случаите поврзани со Мијалков и бомбите а сега и со одземањето на предметите за имотот на ВМРО-ОКГ. Случаите познати како „Талир 1“ и „Талир 2“ за нелегално партиско богатење, незаконски стекнат имот, незаконска Бела палата на ВМРО-ОКГ. Значи ова е чекор кон спас на криминалниот имот на ВМРО-ОКГ, најбогатата партија во Европа“, рече Димитријевиќ.
 
Тој додаде дека се уште нема одговори од јавниот обвинител за објавените случаи од страна на Антикорупцискиот тим на СДСМ.
 
„Се уште нема одговори од јавниот обвинител ниту за криминалните скандали и тендери кои ги објави Антикорупцискиот тим на СДСМ. 161 тендер за една фирма, 51 тендери за друга фирма, 74 тендери за омилената фирма на власта преку општините, 9 милиони евра за фирма со само двајца вработени, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта. СДСМ нема да молчи. Ќе се бориме за правдата“, рече Димитријевиќ .