СДСМ: Само Мицкоски цела недела молчи за настаните во Тетово


Само Мицкоски цела недела молчи за настаните во Тетово, порачаа денес во реакција од СДСМ, на што од ВМРО-ДПМНЕ им возвратија дека тие се власт и дека тие му дале обезбедување на косовскиот премиер Албин Курти.

-Сите институции имаат обврска да постапуваат согласно уставот и законите. Политички квалификации за поднесените пријави од МВР се несоодветни, но целата јавност имаше прилика да види изминатиов период дека единствени коишто молчат за настаните во Тетово се Христијан Мицкоски и ДПМНЕ, рече пратеничката на СДСМ, Фаница Николоска денеска во одговор на новинарско прашање.

-Тој не кажа ниту еден збор за тоа што не беше интонирана државната химна, зошто не беше истакнато државното знаме и со тоа се стави во целосна одбрана на неговиот коалиционен партнер. Бидејќи тие немаат што да понудат на граѓаните од реалните проблеми за решавање насочени се кон создавање на поделби и на тензии. На сите треба да им биде јасно дека времето на национализам заврши, дека тензии и поделби какви што правеа 11 години ДПМНЕ, народот повеќе нема да дозволи, рече Фаница Николоска од СДСМ.

-СДС се власт во државата, дозволиле влез на Курти, му доделиле обезбедување за настанот, го испратиле до граница и денес држат прес конференција за скандалите кои им се случуваат за време на нивно владеење.СДС се толку изгубени во секојдневните порази и толку не можат крај со крај да врзат од неуспесите, што мораат да држат налудничави прес конференции, чија цел е поделба на општеството.
Ова е резултат од нивните ветувања дека ќе обезбедат општество за сите, еднаквост, рамноправност и соживот. Имаме само поделби и порази за македонскиот народ и македонската држава, возвратија од ВМРО-ДПМНЕ без да кажат и овојпат став за националистичкиот настан на нивните политички партнери од БЕСА и Алтернатива.