СДСМ реагира на блокадата на заемот на ЕСМ за преживување на енергетската криза


Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, реагира на предолгите дискусии на Комисијата за одбрана , особено сега кога околностите бараат брзи решенија. 

-Сакам да има дискусии со аргументи, но очигледно таму има чиста злоупотреба само да се одлоговлечи времето за дискусија, нагласи Митрески.

Тој додаде дека СДСМ е подготвен да дискутира и за информации да се формира анкетна комисија за да се види што се случува сега и што се случувало во минатото во енергетскиот сектор, за да се отворат сите прашања кои се битни за граѓаните.

-Кога зборуваме за енергетската криза кај нас и во светот повикувам да се закаже Комисијата за финансирање за законот за задолжување на ЕСМ од 100 милиони евра, чија потреба е утврдена на 19.7, а денес сме 22.9 и уште не се дискутира. Очигледна е намерата да се донесе државата во неподнослива ситуација заради ситни политички поени, нагласи Митрески.

Тој потсети дека оние законски решенија кои и се важни на опозицијата, која сега има мнозинство во локалната самоуправа, поминуваат по брза лента, како што беше законот за поврзување на локални патишта.

-И ние ги поддржавме тие закони затоа што сите овде сме за граѓаните. Ова задолжување е за граѓаните, цел свет е во енергетска криза, така сме и ние и сите сме должни да излеземе во пресрет на граѓаните за да го пребродиме ваквото време на живеење, нагласи координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески.