СДСМ: Работниците заслужуваат минимална плата од 500 евра, од март усогласување

Секојдневно разочарување од владата на ВМРО- ДПМНЕ, платите на работниците нема да се покачуваат ниту овој месец, што значи дека работниците од страна на оваа влада се оставени сами да се борат со енормно високите трошоци.
„Само да потсетиме дека кога се има желба се може, во времето кога СДСМ беше на власт минималната плата се покачи за 4 пати, од 8.000 денари на 22.000 денари. Значи, ако владата навистина се грижи за животниот стандард на граѓаните, може да направи нешто и да биде поддршка за граѓаните. Ние во наредниот период ќе продолжиме со политики што се поддршка за животниот стандард на граѓаните, и ќе поднесеме законско решение за покачување на минималната плата на 500 евра“, рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
На иста линија е и лидерот на партијата, Венко Филипче, кој од Крива Паланка порача дека Владата не прави ништо, го запре процесот на зголемување на платите, не прифаќа никакви предлози кои се во интерес на граѓаните за да се намалат цените и сметките за струја, граѓаните страдаат од нивната неспособност.
„Излегува премиерот и вели дека сме одлични во економијата, први сме. Одлични и први сме во што? Во тоа што струјата поскапе за 30%? Во тоа што цените во маркетите растат неконтролирано?„, праша Филипче.
Тој потенцираше дека Владата не прави ништо за да ја спречи економската нестабилност.
„Во една тешка економска ситуација, треба да растат платите, да има контрола на цените, да има поддршка за компаниите, да се спасуваат работни места. Но, оваа Влада ништо не прави. Немаат желба да седнат ниту на економско-социјален совет, ниту да примат било каков совет за да направат нешто во интерес на граѓаните“, нагласи претседателот Филипче.
Неспособноста на владејачката гарнитура е очигледна а граѓаните страдаат поради таа неспособност.
„Ниту премиерот, ниту некој од министрите, ниту било кој од неговиот најблизок тим има искуство во менаџирање на големи системи. Ништо никогаш не менаџирале. Сега се учат, ама лошо се учат и тешко дека ќе се научат,“ заклучи Филипче.
СДСМ ќе продолжи да се бори за економски мерки што ќе ги заштитат граѓаните и ќе обезбедат подобар животен стандард.
Во однос на барањето на синдикати за згоемување на минималната плата која во март треба да се усогласи, Марјан Ристески од КСПМ рече дека мора да се зголемат платите затоа што во спротивно квалитетните работници ќе избегаат од државата.
ССМ бара 500 евра минимална плата
Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека повторно ќе ја разговараат ова тема на следниот Економско социјален совет каде што ќе потенцираат дека потребно е да се постигне договор за минималец од 500 евра а владата да субвенционира, како што впрочем побара и Стопанската комора на северо-западна Македонија.

„Во изминатиот период стандардот на работниците опадна, па потребата нивните плати да растат е уште поголема, посебно на минималната плата која ја земаат голем број работници. Во претходните разговори зависно од секторите некои од работодавачите прифаќаат да се зголеми минималната плата, но дел од нив како во текстилот, сметаат дека тоа ќе биде дополнително оптоварување за нив во услови кога им е намалена работата. Затоа предлагаме Владата да субвенционира дел од придонесите“, вели Љупчо Радовски, претседател на синдикатот на текстил при ССМ.
Од Организацијата на работодавачи велат дека оваа тема била разговарана на последниот Економско социјален совет и дека како таква идеја била отфрлена од Влада, како работодавачи велат ќе останат доследни на Законот.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера го повтори ставот на Владата дека ќе биде поддржан секој износ на минимална плата кој ќе го договорат работодавачите и синдикатите. Ако нема договор тогаш ќе важи законски пресметаниот износ на минимална плата.
Минималната платата во март со усогласувањето треба да порасне ооколу 1.700 до 1.800 денари.