СДСМ против барањето за амнестија за осудените за 27 април


 Одговорност за насилството од 27 април мора да има. Насилниците мора да одговараат и да излезат пред лицето на правдата. Оттука ние сме против било каква поддршка за амнестија за насилството од овој најцрн ден во Република Северна Македонија, поточно најцрн ден за демократијата во нашата држава, порача денес Даниела Николова, пратеничка на СДСМ, како одговор на новинарско прашање за иницијативата за амнестија на осудените од 27 април која е доставена од група адвокати до Собранието.
 
-Каква порака би пратила амнестијата? Дали тоа ќе значи дека се отвара можност во иднина некој одредени политички структури повторно да превземат вакви активности? Затоа уште еднаш повторувам – ние сме против било каква амнестија на насилниците од 27 април, изјави таа.
Републичкото јавно обвинителство пред една недела достави мислење до Врховниот суд по барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на осудените за случајот „27 април“ , со која добија долгогодишни затворски казни. 

 

Како што неофицијално дознава „Фокус“, Обвинителството смета дека Барањето за вонредно преиспитување на пресудата треба да се одбие, односно да остане на сила првосилната пресуда.

Предметот за „27 април“ кај нив пристигнал на 23 септември минатата година, по што веднаш бил пратен на мислење во Јавното обвинителство. Врховниот суд може да ја потврди пресудата, да ја укине и да го врати случајот од почеток, или да ја преиначи правосилната пресуда.

Од адвокатската канцеларија Јанаки Митровски и адвокатската канцеларија Пешевски и Тимовски до Собранието поднесоа предлог Закон за амнестија на осудените за настаните од 27 Април 2017-та година. Како што појаснуваат, со предлогот се бара сите оние кои се осудени на казни затвор до десет години да бидат ослободени од понатамошно издржување на казна, а за осудените над десет години да се ослободат од 50% казна.