СДСМ предлага закон за покачување на платите до 15.000 денари за 400.000 работници
Со овој предлог, работниците добиваат поголеми плати, што значи повисок животен стандард, компаниите не се оптоваруваат со дополнителни трошоци, а државата добива повисоки приходи, без да воведе нови даноци, вели пратеничката Сања Лукаревска

Пратеничката група на СДСМ предлага законско решение кое ќе им помогне и на работниците и на компаниите, а ќе обезбеди и дополнителни приходи во буџетот, рече на денешната прес – конференција пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска.
– Се соочуваме со реален проблем – платите во Македонија се уште се ниски, а трошоците за живот постојано растат. Работниците се борат да врзат крај со крај, а многу од нив размислуваат да ја напуштат државата во потрага по подобри услови. Од друга страна, и работодавачите сакаат да ги зголемат платите, но честопати не можат поради високите придонеси кои мора да ги плаќаат, истакна Лукаревска.
Со овој закон, кој СДСМ ќе го достави во Собранието, како што посочи Лукаревска, работодавачите во приватниот сектор ќе можат да ги зголемат платите на своите вработени за износ од 3.000 до 15.000 денари, без да мора да плаќаат придонеси за тој зголемен дел.
– Придонесите за пензиско, здравствено и социјално осигурување се замрзнуваат на просекот од последните три исплатени плати на работникот. Ова замрзнување важи во период од една година, што значи дека работодавачите нема да имаат дополнителен финансиски товар при зголемување на платите, појасни таа.
Говорејќи за тоа кои компании за кои работници може да добијат ослободување, Лукаревска појасни дека ќе се однесува за работници за кои компаниите исплаќаат нето плата која не повисока 65.380 денари.

-Вакви работници има околу 400.000 кои би можеле да добијат повисоки примања без зголемени трошоци за компаниите.
Ако просечното зголемување на платата биде 7.500 денари за 400.000 вработени, тогаш вкупното покачување на платите на национално ниво би било 585 милиони евра. Односно подетално, 400.000 работници × 7.500 денари во просек × 12 месеци = 36 милијарди денари или 585 милиони евра) дополнителен приход за граѓаните годишно, појасни Лукаревска.
Иако работодавачите нема да плаќаат придонеси за ова зголемување, како што посочи Лукаревска, тие сè уште ќе плаќаат данок на личен доход (10%), што значи дека во државниот буџет ќе се слеат 58,5 милиони евра дополнителни приходи од данок на личен доход.
Според неа, во реалноста тоа ќе значи дека работниците добиваат поголеми плати, што значи повисок животен стандард, компаниите не се оптоваруваат со дополнителни трошоци, што ги охрабрува да инвестираат во своите вработени, а државата добива повисоки приходи, без да воведе нови даноци или да зголеми буџетски трошоци. Оваа мерка е паметна, правична и издржана. Го поттикнува растот на платите, ја зајакнува економијата и создава стабилност и сигурност за работниците и компаниите, рече Лукаревска.
Таа ги повикува парламентарното мнозинство и Владата да го поддржат овој закон.
-Нема никаква оправдување зошто ова законско решение не би било изгласано. Ова не е политичко прашање – ова е прашање на животниот стандард на граѓаните. Ако власта го одбие овој закон, тоа значи дека свесно се спротивставува на зголемувањето на платите и на подобрувањето на економската состојба. Очекуваме одговорност, очекуваме поддршка и очекуваме сите пратеници во Собранието да застанат зад интересите на граѓаните. Платите мора да растат, време е за вистински мерки, а не за празни ветувања, истакна на прес-конференцијата Лукаревска.