СДСМ праша зошто не се исплаќаат патни трошоци за просветните инспектори, Јаневска најави нов закон


Фото: Б. Грданоски

Пратеничката на СДСМ Даниела Николова во рамките на собраниската седница за пратенички прашања побара објаснување од министерката за образование Весна Јаневска, за неисплаќањето на патните трошоци на инспекторите од ДПИ од јануари 2025 година до денес, нагласувајќи дека со тоа се оневозможува тековната работа на просветните инспектори. Таа пак, најави нов закон за Просветниот инспекторат

„Во изминатиот период во МОН се подготвувал Правилник за  надоместување на трошоците за користење на сопствено моторно возило и користење на јавен градски и меѓуградски превоз за службени цели и задачи во Државниот просветен инспекторат. Според нашите сознанија, за него, инспекторите имале забелешки кои не сте ги земале предвид. Правилникот е донесен на 11.06.2025 година, го има вашиот потпис и истиот содржи членови кои се директно спротивни на Законот за работни односи и Општиот колективен договор.

Со член 2 од Правилникот им се признава право на инспекторите да користат сопствено возило за службени цели, но со член 3 став 3 од истиот правилник го условувате остварувањето на тоа право, односно исплатата, само дооколу во буџетот има обезбедено средства. Ова е неправична и дискриминаторска одредба, која ја оневозможува работата на инспекторите, токму оние кои се клучни за контрола на законитоста во образованието.

Тоа значи дека се оневозможува и тековното функционирање на Дражваниот просветен инспекторат и остварување на неговите примарни задачи.

Ако имаме предвид дека нема доволно службени возила за потребите на ДПИ, и ако знаеме дека инспекторите реално, за да можат да си ги извршат своите работни задачи коишто се исклучително важни за правилен и уреден образовен процес, и затоа мора да користат своите возила, тогаш како сметатате дека можете да ставите член во правилникот во кој се вели дека тие трошоци ќе им се исплатат само доколку се обезбедат средства за таа намена во Буџетот на МОН? Вие сте должни да ја обезбедите. Дали е коректно да отварате нови министерства и да го зголемувате бројот на вработените советници во министерските кабинети, бројот на вработени по институциите, коишто се партиски војници, а на инспекторите коишто вршат увид во работата на училиштата и образовниот процес да  им оневозможувате нормален работен процес.

Ве прашувам: Дали ова се должи  на неисплаќањето на патните трошоци на инспекторите од ДПИ од јануари 2025 година до денес? Дали затоа го вметнувате овој член, односно овој став во новиот Правилник? Еве не ве прашувам и за неисплатените трошоци за ноември и декември 2024 година, а има примери на инспектори, на кои што не им е исплатено она што им следува за користење на сопствено возило и од август 2024 година. Еве го опфаќам само периодот од кога ДПИ е орган во состав на министерството.“

Министерката за образование и наука Весна Јаневска попладнево од собраниската говорница одговарајќи на пратеничко прашање најави нов Закон за Државниот просветен инспекторат. Одговарајќи на пратеничко прашање рече дека во оваа институција се направени злоупотреби и дека за тоа ќе информира кога ќе се изјаснат истражните органи.

– Следи нов закон за Државниот просветен инспекторат, во кој ќе има и контрола над ДПИ. Сега, за нивна жал, јас сум нивниот авторитет – Министерството за образование и наука. Како работеле досега, ќе одговараат. А како ќе работат отсега, авторитетот национален за ДПИ е МОН и нема повеќе башибозук, кој колку сака зема, кој колку сака наплаќа, кој каде сака оди, кого каде сакаат праќаат, а не таму каде што треба. Извештаи многу различни од инспектори кои треба да имаат терк, од инспектори кои треба да дадат заклучок, предлог, решение итн…. Би се изненадиле кога би виделе, но и тоа ќе се среди и за тоа треба малку време. Не велам дека таму нема луѓе кои одлично си ја вршат работата, не велам дека таму нема луѓе кои знаат што треба и како треба, но знаете како велат „од раководството зависи каков ќе биде редот и поредокот во институцијата“, рече министерката. 

Јаневска обвини дека директорот и вработените во ДПИ направиле различни злоупотреби околу користењето на гориво за приватни цели и други погодности.

– Возилата, тоа е нешто од погодностите кои ги користеле за да си прибават лична корист за себе. Можете вие да замислете дека на пример еден инспектор со сопственото возило денес отишол во Струга, па се вратил во Скопје, па отишол во Штип па се вратил во Скопје, па отишол уште еднаш на инспекциски надзор не знам каде во Скопје. Тоа се начините кои биле користени  да се искористи горивото кое им е дозволено и за кое и ние велиме дека им е дозволено да го користат, меѓутоа претходниот директор претпоставувам дека затоа што бил презафатен со професионална стручна дејност да вовед ред во основното, средното и високото образование, заборавил да планира средства во буџетот. Во 2024 година си направиле Правилник. На 1.1.2025 ДПИ влегува во МОН и правиме нов Правилник во кој им велиме не може како досега, ќе биде како отсега по закон и по правилник така како што треба да биде. За жал, дел од вработените во ДПИ имале пракса години наназад за се и сешто да тужат, да ја тужат државата, да го тужат ДПИ, да го тужат директорот, да се тужат меѓу себе и тоа е една таква какофонија што ние со денови и денови не можеме да се ослободиме од неразумни предмети и луѓето од мојот совршен тим никогаш еден збор за нив поинаков од тоа дека се совршени, оти ако не е мојот кабинет и луѓето кои се  во овој кабинет во моментов, јас ви тврдам дека тоа Министерство нема да постои како што не постоело во претходната Влада, односно и тоа што можело да биде сработено не е сработено, па јас го сработувам. И не можам да се посветам особено на она што е приоритетно, туку морам да ги завршувам и тие работи, рече таа. 

Јаневска истакна дека во ДПИ постојат и се направени и покомплицирани работи, но за тоа ќе соопшти кога ќе се изјаснат истражните органи.

-Тоа е така затоа што со години наназад кога ваши кадри ја  воделе институцијата, се случувале дури незамисливи нешта. За тие конкретно ќе зборуваме тогаш кога ќе се изјаснат истражните органи и пред мене овде ќе донесам одредени документи за да можам да ви ги покажам, инаку ќе речете дека не е вистина. А да не зборувам за нешто покомплицирано за кое требало малку да се размисли или да се бара решение. Ако не се лажам, се сеќавате дека ниту учебници немаше. Но не е ниту битно. Вели вие сметавте дека можат нашите деца, дури и тие со посебни потреби да учат преку интернет, кој го немаше преку таблети.  Жал ми е што во ДПИ тешко се воспоставува ред. Навистина тешко се воспоставува, ама ќе се воспостави, рече таа.

Јаневска апелира до пратениците од опозицијата да се обединат околу образовните прашања, бидејќи, како што рече образованието е исклучително многу важно.

– Образованието е исклучително многу важно. Сте имале многу ваши министри знаете како тоа изгледа и колку тоа е тежок, опсежен и голем ресор. Ве молам да не го користиме во политички цели. Конечно треба за нешто да се обединиме. Зошто? Затоа што ни е лошо образованието, затоа што ни е државата во ваква состојба. Не велам дека јас како министер ќе го поправам образованието. Ако последователно имаме пет-шест министри кои максимално ќе работат, ние ќе имаме резултат во државата, државата нема да ни биде ваква каква што е и нема да се расправаме и со обиди за кражба дури и преку гориво или со обиди за кражба дури и преку кафињата  кои биле испиени, итн итн, рече Јаневска.