СДСМ повторно ќе поднесе барање за зголемување на минималната плата
СДСМ повторно ќе го поднесе Законот за зголемување на минималната плата на 450 евра, што претходно беше одбиен од владината коалиција со образложение дека нема фискални импликации.
„СДСМ повторно ќе го поднесе Законот за зголемување на минималната плата на 450 евра, кој владината коалиција го одби со образложение дека нема фискални импликации. А, во исто време прифати други закони поднесени од ВМРО-ДПМНЕ без фискални импликации. Најостро го осудуваме функционирањето на Собранието по двојни стандарди и имплементирањето на пракси на делување согласно индивидуални толкувања на деловникот“, рече лидерот на СДСМ Венко Филипче на денешната прес конференција.
Владата предводена од СДСМ во период од седум години, креираше политики за постојан раст на платите и подобрување на животниот стандард на работниците. Растот на минималната плата беше приоритет за Владата на СДСМ и се зголеми од 8.000 денари на сегашните 22.567 денари. На прес-конференцијата, Филипче порача дека во овој период граѓаните очекуваат одговорни политики и мерки кои ќе резултираат со реални ефекти.
„Ова не е време за празни зборови, туку за храбри и одговорни политики кои ќе обезбедат видливи резултати“, посочи Филипче.