СДСМ потврди дека се отстранети слики и восочни фигури од Археолошкиот музеј


Фото: Б. Грданоски
 
СДСМ возврати денес на ВМРО-ДПМНЕ дека 11 години вршеше културен инжинеринг и потроши стотици милиони евра на лажен барок од гипс картон и затоа сега е најмалку повикана да зборува за Археолошкиот музеј и за културата. 
 
-Археолошкиот музеј е најскапата зграда во проектот Скопје 2014 и таа како и повеќето згради од овој проект нема технички прием. Факт е дека Археолошкиот музеј токму во последните 5 години започна да работи како професионален музеј, како што доликува на рангот на водечки археолошки музеј.  Оваа институција во 2012 година не беше формирана согласно Законот за музеите и беше основана без музејски збирки.Притоа, беше направена огромна штета и на музејот  кој и ден денес не може правно и физички, но и инстутиционално и програмски да се опорави од небрежноста и непрофесионалноста во поделбата на музеите. 
 
Во последните 5 години музејот обезбеди нови предмети со кои започна да формира збирки, што е негова основна функција. Факт е и дека од музејската поставка се отстранети современи уметнички слики и восочни фигури, кои беа непотребен трошок за еден археолошки музеј, а кои беа одраз на Скопје 2014.
 
ВМРО ДПМНЕ има најмалку право да зборува за нефункционалноста, валканоста и хаотичноста на музејската зграда: светски преседан е три исклучително важни државни институции да бидат сместени во иста зграда, каков што е случајот овде. Очигледно при планирањето и проектирањето на зградата не се земале предвид трошоците за нејзиното одржување, особено во време во кое живееме, на светска пандемија и глобална економска криза.  
 
Mузејот, согласно светските музејски стандарди, не смее да е во близина на вода и во зграда со други институции.Затоа, веќе после шест години на функционирање на објектот има проблеми и е во распаѓање, при што е насобрано големо количество влага. Не постои музеј во светот каде што тоалетите се проектирани веднаш до музејските витрини во кои се изложуваат музејски предмети. Непоправлива е штетата што ВМРО-ДПМНЕ 11 години ја правеше врз културата во државата, реагираа од СДСМ по обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека министерката за култура Бисера Костадинова – Стојчевска и власта  целосно го уништиле и цензурирале Археолошкиот музеј.
 

– Оваа интитуција, која порано „беше на самиот врв на музејското работење во Македонија“ и претставуваше вистински репрезент на македонското културно наследство во државата и надвор од неа, денес е претворена во „полупразна зграда која е потполно нефункционална, валкана и хаотична.  Археолошкиот музеј на Македонија е музејот кој вие како власт и раководство целосно го уништивте  и цензуриравте. Од институција која во времето на Владата на ВМРО-ДПМНЕ ја посетуваа над 28.000 посетители годишно, денес ја посетуваат едвај 5.000, и тоа претежно ученици преку нивните задолжителни екскурзии и по некој заскитан странец. Организираните странски групи намерно го заобиколуваат, иако поминуваат пред самиот влез на музејот. Но, ако сепак влезат внатре, тие ќе видат дека од трите музејски ката, кат и половина се целосно празни.Поточно, по Преспанскиот договор, нумизматичката збирка и целиот антички период се целосно отстранети, попрецизно, цензурирани“, обвинија од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму велат дека тие што сакаат да купат сувенири не можат да го сторат тоа, затоа што со тоа се презентира Македонија и нејзиното културното наследство од кое власта јавно се срами.-

-Понижувачки е фактот што во музејот повеќето тоалети не се во функција, а тие што се отворени се во очајна состојба. По одржаниот состанок, министерката е импресионирана од „завидните“ резултати на институцијата, од соработката со други установи, од „истражувањата“ и од издавачката дејност… Вистинска енигма се резултати од истражувањата што ги наведува министерката затоа што во изминатите години тие се целосно непознати за јавноста, а, од друга страна, тие се обврзни според законските прописи. Но, затоа „завидни“ се само скандалите  по кој е познат музејот. Како пример може да се наведе „завидното“ украсување на статуите од римско време со дедомразовски капчиња. Јавноста беше згрозена од ваквата постапка и со право жестоко реагираше“, велат од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека нема никакви резултати и дека низ годините се финансираат исти проекти од „подобни археолози“.

-Дали министерката дознала зошто Исар-Марвинци не се истражува со години, па е оставен на немилост на дивите копачи? Апсењето на Украинци кои копале на локалитетот со детектори среде бел ден е неминовен доказ дека власта крева раце од значајните археолошки локалитети. Посебно е срамно задоволството на министерката од издавачката дејност на музејот. Во последните години музејот издава само една книга и ништо повеќе, се додава во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ побара од министерката за култура јавно да одговори: „Што сработува Археолошкиот музеј на Македонија во последните пет години и какви резултати има? Каде и како се претставува музејот, по доаѓањето на СДСМ на власт? Колку нови наоди и локалитети се истражуваат овој период и кои се резултатите од тие истражувања? Каде и како се промовира македонското културно наследство?“