СДСМ: Попрво ќе има 80 пратеници за уставни промени, отколку 61 за предвремени избори
Потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев во интервју за емисијата „Утрински печат“ оцени дека е многу пореално да се случат уставни измени и дека предвремени парламентарни избори нема да има.
„Неспоредливо поголема е веројатноста да има 80 пратеници за уставни измени, отколку да има 61 пратеник за распуштање на Парламентот и предвремени избори. Тоа е логично, затоа што од една страна фалат пратеници кои треба да се одважат и да го препознаат историскиот момент за државата, да гласаат и со тоа дополнително да го забрзаат евроинтегративниот пат и да останат запишани како луѓе кои направиле нешто добро на надворешно политички план. А, од друга страна го имаме Мицкоски кој вели дека пратеници од власта ќе гласаат за распуштање на Собранието. Тоа не е логично, затоа што овој пратенички состав има уште една и пол година мандат“, порача Богоев.
Богоев истакна дека реториката на Христијан Мицкоски кој со години се фали дека само што не направил ново парламентарно мнозинство е единствено за внатрепартиска употреба бидејќи тој е исплашен за својата фотелја во Белиот дворец.
Тој одговори и на обвинувањата дека има еднаквост на политиките на СДСМ и левица оценувајќи дека напротив, има еднаквост на политиките на ВМРО-ДПМНЕ и оваа партија.
„Државата никогаш не била меѓународно поизолирана од мандатот на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, кога Христијан Мицкоски беше генерален секретар на партијата и државата никогаш не била поинтегрирана на меѓународен план од тоа што е сега. Сега сме полноправна членка на НАТО и преговараме за членство во ЕУ. Сега имате ситуација кога имате кривична одговорност за функционери на власта, што претходно било незамисливо“, посочи Богоев.
Богоев оцени дека во функционирањето на ВМРО-ДПМНЕ и Левица е истата матрица и најверојатно истиот нарачател, матрица чиј интерес е државата да биде изолирана.
„Мицкоски и Апасиев сакаат да го вратат она време кое 11 години го живеевме, односно да станете од сабајле, да имате чувство на лажна гордост, а стомакот да ви биде празен. Да не разговарате со никој од соседите и да мислите дека сите соседи, сите развиени земји треба да трчаат кај вас, дека вие сте многу поголеми од нив. Тоа го правеше Груевски, сега гледаме дека Мицкоски и Апасиев сакаат да се врати тоа време, така што знакот на равенство би го ставил тука“, порача Богоев.