СДСМ поднесе закон за намалување на ДДВ за струјата и негово укинување за храната
Според Фатмир Битиќи, намалувањето на ДДВ за електричната енергија треба да биде од 18 на 5 отсто

Пратеничката група на СДСМ во Собранието поднесе предлог-закон за намалување на ДДВ за струја од 18% на 5% и укинување на ДДВ на храната. Причината за ова, како што образложи на прес-конференција пратеникот Фатмир Битиќи, се сѐ повисоките трошоци за живот и неуспехот со потрошувачките кошници.
„Животот во Северна Македонија станува сè поскап, а граѓаните сè потешко ги задоволуваат основните животни потреби. Индексот на трошоците на животот во јануари 2025 година, во однос на истиот месец минатата година, бележи зголемување од 4.9%, додека индексот на цените на мало пораснал за 5.2%“, рече Битиќи.
Тој посочи дека цените на основните прехранбени производи растат без контрола, а семејните буџети се под постојан притисок.
„Но тоа не е се, граѓаните веќе плаќаат и повисоки сметки за струја. Само во јануари тие се зголемија од 20% до 30%, што претставува уште еден тежок удар врз животниот стандард. Во овие услови, каде што растот на цените го надминува зголемувањато на приходи, сè повеќе семејства се соочуваат со финансиски тешкотии, а за многумина, месечната плата веќе не е доволна ниту за најосновните трошоци“, рече Битиќи, додавајќи дека наместо Владата да интервенира и да ја заузда кризата, гледаме незаинтересираност, одолговлекување и целосно отсуство на мерки што ќе ја заштитат куповната моќ.
Тој посочи дека поради ова СДСМ предлага конкретни законски измени кои ќе доведат до заштита и подобрување на животниот стандард.
„Пратеничката група на СДСМ и коалицијата поднесоа Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за ДДВ, со кој бараме намалување на данокот за електричната енергија од 18% на 5%, но и укинување на ДДВ за основните прехранбени производи, односно негово намалување од 5% на 0%. Со овие предлог-измени, бараме системска реализацијата на две од седумте економски мерки на СДСМ“, рече Битиќи.
Според Битиќи, намалувањето на ДДВ за електричната енергија ќе значи 13% пониски сметки, односно поевтина струја за над 600 илјади домаќинства. Или, за сметка од 3.000 денари, граѓаните ќе заштедат околу 400 денари – износ што, наместо да оди во државниот буџет, ќе остане во семејните буџети. Додека пак, укинувањето на ДДВ за основните прехранбени производи ќе донесе до поевтинување на храната, односно намалување на цените на основните прехранбени производи за 5%.
„И покрај тоа што со месеци ветуваа мерки за намалување на цените, гледаме целосен дебакл на владините политики. Тнр. ‘антикризни празнични кошнички’ доживеаја фијаско. Најавеното замрзнување на маржите сè уште не е донесено“, рече Битиќи.
Тој на прес-конференцијата забележа и дека додека Владата да реагира за цените на храната, граѓаните почнаа да плаќаат и повеќе за струја.
„Се формираше Министерство за енергетика, но минатата година тоа реализираше само 50% од планираните капитални инвестиции. Домашното производство на енергија не расте, што нè прави уште позависни од скап увоз. Во ноември, планираниот увоз на струја од соседните земји беше 0 GWh, но реално беа увезени 351,3 GWh. Истото се повтори во декември, кога планираниот увоз повторно беше 0 GWh, а се увезоа 425,7 GWh“, реќе Битиќи.
Битиќи посочи дека она што Владата упорно одбива да го направи, СДСМ и коалицијата преземаат конкретни чекори да го спроведат.
„Со поднесувањето на овој Предлог-закон по скратена постапка, започнуваме процес за системска реализација на мерките што директно ќе го олеснат финансискиот товар на граѓаните. Ако ВМРО-ДПМНЕ навистина се грижи за животниот стандард, ќе го поддржи овој предлог. Секое одолговлекување значи нов удар врз семејните буџети. Секој глас „ЗА“ ќе биде глас за реални, опипливи решенија“, рече Битиќи.
Тој додаде дека владејачкото мнозинство досега ја претвори скратената постапка во своја омилена политичка алатка – кога треба да се протурка закон за вонинституционално договорени партиските шеми.
„Но, денес, за првпат, им се дава можност да ја искористат оваа брза лента за нешто што навистина ќе го почувствуваат сите граѓани – за пониски сметки за струја и поевтина храна“, рече Битиќи. (Н.В.)