СДСМ поднесе кривична пријава против гувернерот Трајко Славески за несовесно работење
Генералниот секретар на СДСМ, Александар Димитриевиќ, на денешната прес-конференција соопшти дека СДСМ поднесол кривична пријава против гувернерот на Народна банка, Трајко Славески. Кривичната пријава е поднесена поради основано сомнение за сторено кривично дело – несовесно работење во службата, по член 353 в од Кривичниот законик.
„Денеска поднесуваме нова кривична пријава, против Трајко Славески, гувернер на Народната банка, за основано сомнение за сторено кривично дело – несовесно работење во службата, по член 353 в од Кривичниот законик. Постои основано сомнение дека гувернерот Трајко Славески, со несовесно постапување, предизвикал штета врз Буџетот и правниот поредок“, рече Димитриевиќ.
Славески, наводно, со своето постапување грубо ги прекршил законските обврски и ја довел во прашање законитоста на работењето на Народната банка, предизвикувајќи штета врз институцијата и правниот поредок.
„Прво, пробиен е законскиот рок за предлог на вицегувернери, со што е директно загрозено легалното функционирање на Народната банка. Второ, постојат сериозни индиции дека по истекот на мандатите, на лицата им се исплаќале плати за функции кои веќе не смееле да ги вршат. Трето, овие лица продолжиле да носат одлуки во Советот на Народната банка и по истекот на роковите, што ги прави тие одлуки правно спорни и ништовни“, рече Димитриевиќ.
Димитриевиќ побара обвинителството да ги истражи овие наводи.