СДСМ подготвува закон за поддршка на семејствата погодени од несреќата во Кочани


Синоќа се одржа седница на Централниот одбор на СДСМ на која се дискутираше за повеќе теми поврзани со актуелната политичко-економска ситуација во земјата, беа донесени неколку заклучоци но и одлуки за подготовките на партијата за претстојните локални избори.

СДСМ јА започна постапката за утврдување на кандидатите на СДСМ за советници и градоначалници на претстојните локални избори. Во таа насока синоќа на седница  Централниот одбор го усвои правилникот и роковникот за постапката, начинот и критериумите за утврдување на кандидатите на СДСМ. Исто така, Централниот одбор го овласти претседателот на партијата, Венко Филипче, да оствари разговори со постојните коалициски партнери на СДСМ, како и со потенцијални нови коалициски сојузници за настап на локалните избори.

Централниот одбор на СДСМ оцени дека непосредно пред локалните избори, иституциите под контрола на власта, координирано вршат притисок врз градоначалниците од редовите СДСМ.Тоа го сметаат за тенденциозен политички притисок и претставува злоупотреба на државните институции во партиски цели од страна на ДПМНЕ.СДСМ со сите механизми кои ги има на располагање најави дека ќе го штити интегритетот на нивните градоначалници и ќе ги брани демократските стандарди и приници.

На економски план ЦО оцени дека се случува токму она на што СДСМ подолго време предупредува: македонската економија продолжува да тоне, без никаква динамика и без раст над 3%.Загрижувачки е што дури и проекциите на Светската банка се ревидирани надолу, при што Северна Македонија е на дното во целиот регион.

Економската криза сè повеќе го погодува животниот стандард на граѓаните, а Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ не само што не успеа да ја стабилизира ситуацијата, туку ја влоши со серија неефикасни и задоцнети мерки. Граѓаните денес живеат полошо отколку во која било година од последната деценија. Северна Македонија има најниски плати во регионот, а плаќа едни од највисоките цени. Владата нема стратегија, нема визија, нема план. СДСМ најави дека ќе продолжи со проактивни мерки и законски решенија во борбата за подобрување на стандардот на граѓаните но и целокупните состојби во земјата.Во оваа насока ќе бидат подготвени и предложени законски решенија во македоснкото Собрание.

Пратеничката група на СДСМ подготвува и специјален закон за обезбедување конкретна и директна поддршка за семејствата погодени од трагедијата во Кочани. Законот ќе биде поднесен во Собранието во текот на следната недела. Тој е изготвен според меѓународни искуства и добри практики од земји кои се соочиле со слични несреќи.Со законот се предвидува финансиска и институционална помош за семејствата на настраданите, како и дополнителна поддршка за оние кои имаат повредени блиски. Целта е да се помогне во надминување на последиците и трошоците што произлегуваат од трагичниот настан, но и да се зајакнат институционалните системи што се покажаа како недоволно подготвени.СДСМ ги поддржува родителите и семејствата на настраданите во Кочани и останува отворен за разговори и соработка за сите прашања поврзани со случувањата.

Но, СДСМ остро се спротивставува и го осудува секој обид за политичка злоупотреба. За време на средбата со родителите пратениците на СДСМ забележаа членови на подмладокот на политичката партија Левица и ги осудуваат  доколку се приклучиле со цел да извлечат политичка и партиска корист. СДСМ исто така ја препознава потребата за длабоки системски промени и останува посветен на трансформација на начинот на кој функционираат институциите, во интерес на државата и сите нејзини граѓани.