СДСМ победи на изборите во исклучително тесна трка
Како што и се предвидуваше овие избори беа неверојатно неизвесни и во мртвата трка во поголемиот дел на вечерта кога се пребројуваа резултатите, коалицијата на СДСМ и Беса однесе тесна победа од 1,3 процентни (35,81 наспроти 34,5 отсто, а остануваа да се пребројат гласовите на уште стотина избирачки места) поени разлика пред коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Во текот на ноќта не се знаеше колкава ќе биде разликата меѓу двајцата најголеми политички конкуренти, но спред анализата таа треба да изнесува два пратеника.
Ова беше победа на Зоран Заев по договорите со Грција и Бугарија, промената на името и корупциските афери кои го поткопаа кредибилитетот на владата. Заев може да биде задоволен затоа што од формирањето на владата во јуни 2017 година успеа да ги протурка уставните измени и покрај противењето на ВМРО-ДПМНЕ, да обезбеди победа на претседателските избори на кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски, а сега и партијата прв пат да победи на парламентарни избори од 2002 година. Во меѓувреме, земјата стана членка на НАТО и доби одлука за почеток на преговорите со ЕУ.
Во обраќањето во изборниот штаб на СДСМ во хотелот „Белви“ некаде во два часот по полноќ Заев еуфорично изјави дека „денес победи иднината, победи напредокот, а сите мрачни и назадни концепти да завршат во неповратно минато“.
Друг голем победник на изборите е ДУИ, која успеа повторно да остане главна сила во албанскиот политички камп и да ја остави коалицијата на Алијансата за Албанците и Алтернатива со веројатно два пратеника помалку. Сосем сигурно дека концептот за „премиер Албанец“ ја направи разликата меѓу ДУИ и Алијансата за Албанците, што сега се покажа како одлична предизборна стратегија.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не се појави вечерва на прес-конференција за да соопшти што очекувал и што добил како резултат од овие избори. Тоа беше неочекувано однесување на еден партиски претседател затоа што се нема случено во изборната ноќ некој да не се појави во јавноста. Место него, излезе генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев, кој најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе тргне во трката за формирање влада.
Резултатот е разочарување за Алијансата за Албанците и Алтернатива затоа што тие беа убедени дека овој пат ќе укинат монополот на ДУИ. Бројот на пратеници за нив, во основа, е успех, но не е она што го очекуваше Зијадин Села.
По подолго време во парламентот изгледа дека влегува една партија надвор од двата големи политички блока, а тоа е Левица, која ќе освои едно пратеничко место (а можеби и две) во Првата изборна единица.