СДСМ: Первезно е ВМРО-ДПМНЕ да држи трибина за криминал и корупција, па уште и во Белата палата
Надвор од реалноста, дури може да се каже дека е и первезно ДПМНЕ да одржува трибина за криминал и корупција, па згора на се и во Белата палата, симболот на криминалот и корупцијата, возвратија денес од СДСМ на овој настан организиран од страна на опозицијата.
-ДПМНЕ е партија со криминално стекнат имот врз грбот на граѓаните, со нелегална Бела палата којашто е конфискувана.Од скромна жолта куќа, до Бела палата дивоградба врз грбот на граѓаните, и тоа со вазни од 180.00 евра, подни плочки од 100.000 евра, паркет од 76.000 евра, лустери од 20.000 евра… ДПМНЕ е партија со бројни судски пресуди за долгогодишни затворски казни, стотина осудени сегашни и поранешни партиски функционери на оваа партија, меѓу кои и за злосторничко здружение, оценија од СДСМ во рамките на секојдневната меѓупартиска реторика на тема кој е корумпиран.
Претходно, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Ели Панова изјави дека на СДСМ и на ДУИ не им значи ништо црната листа на која се ставаат лица за кои САД имаат докази дека се инволвирани во криминал и корупција. Панова побара македонските правосудни органи конечно да почнат да функционираат и да делуваат без да користат двојни стандарди и сите лица за кои постојат основaни сомневања, а за сторени криминални и корупциски дејствија, да бидат спроведени пред лицето на правдата.
-За функционери кои се на црната листа на македонскиот народ, ваквата листа на САД не значи ништо и веројатно ќе се обидат за неколку дена да ја затворат оваа тема, како што ги затвораат сите други теми што се поврзани со висок криминал и корупција, кој што всушност се случува во редовите на ДУИ и СДСМ, рече Панова на денешната трибина на партијата што се одржа во Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеничката рече дека доколку градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, бил припадник на која било друга политичка партија веројатно до денес веќе ќе бил во притвор. Смета дека случајот со струшкиот градоначалник е порака дека и за високите функционери мора да има одговорност.
-Оваа црна листа е еден шамар за ДУИ, затоа што одговорност мора да постои. А одговорни за непостапувањето и затскривањето на криминалните дејствија на високите функционери на ДУИ се токму инфилтрирани членови во највисоките судски инстанци, и во обвинителството и во судството на Република Македонија.Ако требаше некој да излезе на прес конференција верувам дека тоа беше шефот на обвинителството за организиран криминал и корупција како прво. Значи тоа е лице кое што беше непознато за македонската јавност Ислам Абази, кој е шеф на ова обвинителство од ноември месец 2022 година. Не очекувам дека ќе направи нешто заради тоа што е многу близок со партијата ДУИ, рече Панова.
Ова, според неа, е и опомена за премиерот Ковачевски заради тоа што не знаел што се случувало во Струга и не знае за „купувањето на деловни објекти од страна на лица блиски до највисокото раководство на ДУИ“.
Пратеникот Драган Ковачки обвини дека внукот на Али Ахмети, кој го купи трговскиот центар „Соравиа“ за 30 милиони евра, има добиено концесија од државната ЕСМ за ископ на варовник, а фирмата има само еден вработен. Ја повика Антикорупциската комисија веднаш да постапи по овој случај. Го повика премиерот да се произнесе за овој случај и да одговори дали знаел и доколку знаел зошто не постапил.
На трибината на тема корупција и криминал, пратеникот од ВМРО -ДПМНЕ Бране Петрушевски зборуваше дека како член на собраниската Комисија за надзор над спроведување на посебните истражни мерки укажал дека ОТА извршила незаконска набавка на опрема за масовно прислушкување, а Јавното обвинителство со денови молчело.