СДСМ обвинува дека за образовни асистенти се вработуваат партиски луѓе

ВМРО-ДПМНЕ го партизира секој сегмент од општеството, дури и онаму каде што најмалку треба да има политика – во образованието. Денес повторно сме сведоци на нов скандал на Владата на ВМРО-ДПМНЕ со партиски вработувања ги одземаа образовните асистенти на учениците со попреченост. Постоечките асистенти ги заменија со нови партиски вработувања, изјави на прес-конференција Розалија Ангелковска, членка на Комисијата за образование и наука на СДСМ.
Таа нагласи дека четири години образовните асистенти професионално работеа со учениците со попреченост во училиштата – но сега се заменети со лица чиј единствен „квалификатив“ е партиската припадност.
„Јавно ја прашуваме министерската Јаневска – дали имате малку свест и дали може мирно да спиете знаејќи дека учениците со попреченост на 1 септември нема да го имаат својот образовен асистент до себе – лицето на кое што му веруваат, лицето со кого го минуваат денот во среќа и лицето со кои напредуваат во образованието. Дали министерки знаете каква штета им нанесувате на овие деца и на нивните родители?
„Вие, министеркe, заедно со вашата партија, наместо да ги решавате проблемите, вие создавате нови. Очгледно не ви е важен образовниот процес на овие деца. Важно ви е по секоја цена зголемувањето на вашата партиска војска.
Ова е вистинската слика на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, го руши дигнитетот и авторитетот на вработените во образованието. Секогаш кога се на власт,најмногу страдаат оние кои најмалку треба да бидат повредени: децата“, рече Ангелковска.
СДСМ бара итна ревизија на огласот за образовни асистенти и враќање на професионалците кои четири години се столбот на инклузивното образование.
На ова ВМРО-ДПМНЕ одговори со соопштение во кое вели дека СДСМ прво нека се погледне себеси.
„Партиските функционери на СДС организираа партиски настани во основи училишта. СДС ги претвори училишните клупи во место за партиска пропаганда. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ вложува во образованието“.
Во новата учебна година за прв пат образовни асистенти ќе има не само основните, туку и во средните училишта, за што, актуелната Влада предложи, а пратениците усвоија ново законско решение кое значи унапредување на инклузивноста на националниот образовен систем, реагира Министерството за образование.
„Веројатно ова е болката во редовите на политичката партија СДСМ, каде откако им пропаднаа обидите да ја манипулираат јавноста со обвинувања дека од септември ќе нема учебници, сега се преориентираат и обидуваат со нови измислици да ги вознемируваат родителите и старателите на учениците со попреченост, а со тоа да влијаат на креирање на јавното мислење за работењето на актуелното раководство на Министерството за образование и наука“, велат оттаму.
Ангажирањето на образовните асистенти е целосно транспарентен процес и не го спроведува министерството, туку го спроведуваат раководствата на основните и средните училишта со ресурсни центри, од кои, дел се поставени токму во времето кога владееше СДСМ, партијата што денес го оспорува нивното работење, додека МОН верува во нивната стручност и професионалност.