СДСМ обвинува дека градоначалникот на Прилеп склучил незаконски договор за превоз на ученици


 

Претседателката на Општинската организација на САДСМ во Прилеп, Петра Лукароска, денеска на прес-конференција тврдеше дека, наводно, градоначалниокот на Прилеп Борче Јовчески, заедно со директори на пет средни училишта склучиле сомнителни договори за превоз на ученици.

Според она што го кажа Лукароска на 6 март 2023 година, директорите на средните училишта во Прилеп: „Ѓорче Петров”, „Кузман Јосифоски – Питу“, „Орде Чопела“, „Ристе Ристески – Ричко“ и „Мирче Ацев“,  во својство на застапници на договорни органи и правни лица, склучиле договори за јавна набавка на услуги за превоз на ученици. Договорите биле со важност до 31.12.2023 година и освен времетраењето, со нивното потпишување двете страни ја прецизирале и вредноста на договорите. 

Две недели пред истекот на времетраењето на договорите, директорите на петте училишта и превозниците склучиле анекси со кои важноста на Договорите ја продолжиле до 29.02.2024 година.  После првиот, следувало потпишување нов, втор по ред анекс на договорот. 

„Освен што неговата важност ја продолжиле за нови 50 дена, овој пат директорите направиле измена и во вредноста на договорот, поточно ја зголемиле цената на услугата, што е спротивно на Законот за јавни набавки. За целото тоа време превозниците вршеле превоз на ученици без важечки договори, а за извршената услуга доставувале фактури кои директорите ги исплаќале без претходно спроведена јавна набавка“, рече Лукароска.

Со склучените анекси на Договорот за јавна набавка на услуги за превоз на ученици, сметаме дека постојат основи за сомневање дека директорите на петте средни училишта и градоначалникот на општина Прилеп направиле неколку кривични дела, меѓу кои и „Злоупотреба на службената положба и овластување“ и „Несовесно работење во службата“.  

Доколку Обвинителство не отвори предмет по допрен глас, тогаш СДСМ до Основното јавно обвинителство Прилеп ќе поднесе кривична пријава против петтемина директори и градоначалникот на Прилеп, рече Лукароска.