СДСМ му однесе на Мицкоски документи за скандалот со Меџити


Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска

 

Нарекувајќи го премиерот самопрогласен „главен државен обвинител, кадија и врховен судија“, СДСМ денеска му ги предаде документитет што го добил од свиркачи за незаконските постапки на вицепремиерот Изет Меџити. Христијан Мицкоски вчера ги повика сите што имаат информации и документи за наводна корупција да му ги предадат нему лично, тој ќе излезел и од состаноци ако треба. А можеле да му се јават и на телефон, бидејќи бројот сите го знаеле.

„Чувствуваме одговорност да реагираме веднаш откако Мицкоски јавно повика да му се достават докази за сомнежите дека постои корупција и неправилности во работата. Еве ги тие документи коишто до нас се доставени од свиркачи и кои се од државни институции, со архивски броеви, печати и потписи.

Овде јасно е наведено дека Државниот управен инспекторат констатирал неправилности во работењето, дека Меџити ги пречекорувал своите законски овластувања, лично потпишувајќи ги сите предмети. Дали на овој начин сакал да воспостави контрола и да има простор за уцени кон фирмите и граѓаните“, рече во изјавата пред Владата, портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.

„Очекуваме Мицкоски да ги прочита, да ги разгледа внимателно и да одговори на сите овие сомнежи за злоупотреби и можна корупција. Дали ќе ги повика надлежните институции да реагираат, или Мицкоски ќе продолжи да го штити Изет Меџити“, нагласи Кузеска.

Вчера организацискиот секретар на СДСМ, Мартин Костовски, презентираше документ на Државниот управен инспекторат со Решение Бр. 11-1653/2024 од 17.01.2025 година со кое официјално ги одзел ингеренциите на вицепремиерот Изет Меџити во делот на потпишувањето на административни документи.

Овие докази „потврдуваат дека вицепремиерот Изет Меџити незаконски ги заобиколувал институционалните процедури, со цел лично да одлучува кои документи и предмети ќе бидат одобрени или стопирани“, рече тој.