СДСМ го обвини министерот Тимчо Муцунски дека откако е на оваа функција има целосен дебакл на надворешната политика, целосна партизација, непрофесионалност и урнисување на Министерството за надворешни работи како институција. Според нив партиски кадри се унапредуваат на брза лента претворајќи го МНР во партиска испостава на ВМРО-ДПМНЕ.
-Под раководство на Муцунски, резултатите на надворешен план се поразителни. Македонија нема ниту еден успех, само порази и чекор по чекор тоне во дипломатска изолација. Наместо стратешка и државничка надворешна политика, имаме непочитување на основните принципи на професионалност, законитост и еднакви можности во кариерата.
Министерството за надворешни работи Муцунски го претвори во партиска испостава на ВМРО-ДПМНЕ. Муцунски поставува кадри без елементарно познавање на дипломатијата, кои не ги исполнуваат основните критериуми. Пример е Веле Трепевски, кој без соодветни квалификации Муцунски го постави за директор за организациони работи, а сега е предложен и за амбасадор во соседна Албанија. Единствена негова работа е заедно со државната секретарка Елена Кузмановска, да врши масовни партиски унапредувања на кадри блиски до ВМРО-ДПМНЕ – по налог на Муцунски а на штета на искусни и стручни дипломати. Без закон, без морал – само со партиска припадност.
Ќе набориме неколку флагрантни примери:
-Горан Трајков, сопруг на Викторија Трајков, е унапреден во министер-советник без да ги исполнува законските критериуми.
-Никола Гугоски, синдикален претставник што работи под партиски директиви на ВМРО-ДПМНЕ, е унапреден и испратен во Истанбул.
-Васко Дамчевски, поранешен градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ и учесник во настаните од 27 април 2017, е унапреден двапати и сега оди во Конзултатот во Солун како ополномоштен министер – токму таму каде што му студира детето.
Партизацијата продолжува и преку злоупотреба на системот за испомош: Дипломат кој пред два месеца се вратил од мандат, веќе е испратен во Париз. Исти практики гледаме и во Берлин и други дипломатски мисии. Над 20 лица се ангажирани со договор за дело, а дел од нив не се ни појавуваат на работа. Без никакво објаснување амбасадорот Весел Мемеди е вратен во Италија, иако законскиот рок за усогласување на ставовите за неговиот статус одамна е поминат.
Ова е уште еден доказ дека Муцунски ја води дипломатијата како приватна сопственост, а институциите ги третира како филијали на ВМРО-ДПМНЕ. Во исто време, во самото Министерство владее хаос: Често нема вода во тоалетите, не работи системот за ладење, недостасуваат основни материјали за работа.СДСМ ќе се спротивстави на оваа партизација, газење на дипломатијата и угледот на земјата.
Упатуваме апел до претседателката Силјановска да регира согласно своите надлежности и да не дзоволи да стане соучесник во овој институционален распад. Македонија заслужува достоинствена дипломатија – професионална, независна и стратешки ориентирана, порачаа од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека СДСМ дипломатијата ја свел на распродавање на државните интереси, а Фатон Бејта кој четири години „служел“ како турист-амбасадор во Копенхаген, сега држи прес конференција.
– Фатон Бејта четири години „служеше“ како турист-амбасадор во Копенхаген, со ниту една инвестиција, ниту една официјална посета, ниту еден конкретен резултат. Државата ја претставувал како лична екскурзија, на трошок на граѓаните.
А што се однесува до обвинувањата, препознатливи се по ракописот.СДС, партијата позната по своите порази, политички манипулации и фабрикувани конструкции, уште еднаш се обидува да ја замени реалноста со театар. СДС потфрли на секое поле, дипломатијата ја сведе на распродавање на државните интереси и обележја за свои лукративни причини и профит на малкумина од врхушката на СДС. Државата сега оди напред, и тоа ги боли, оценија од ВМРО-ДПМНЕ.