СДСМ: Мицкоски живее во илузија, економијата страотно пропаѓа


Опозицската СДСМ денеска преку соопштение реагира на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски во врска со растот на БДП во последниот квартал лани. 

Според СДСМ, „економијата тоне, компаниите не може да исплаќаат плати и отпуштаат вработени, а животниот стандард на граѓаните се влошува поради неспособноста и незаинтересираноста на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

За СДСМ најновите податоци се загрижувачки – драстично расте бројот на компании кои не можат да исплатат плати, а бројот на отпуштени работници е алармантен.

„Официјалните податоци покажуваат дека околу 83.000 работници не ја добиле јануарската плата, а бројот на оние кои не добиле плата е зголемен за три пати во однос на лани! Владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски ја турка државата во економски колапс“, велат од СДСМ.

Во соопштението се посочува дека компаниите се соочуваат со огромни финансиски проблеми, а Мицкоски и неговите министри не прават ништо за да го спречат економското пропаѓање.

„Само во минатата година 6% од работниците добиле отказ поради тоа што компаниите немале работа“, велат од СДСМ и додаваат дека „масовни отпуштања“ имало во текстилната, автомобилската и кожарската индустрија, како и дека компаниите се принудени да отпуштаат работници или целосно да се затворат и ова е тренд кој допрва ќе се засилува.

„Инфлацијата расте исто така и таа е над 5% а кај храната и до 15% За каков раст зборува премиерот кога луѓето едвај врзуваат крај со крај. До кога ќе ги лаже луѓето дека ние сме економски тигар кога во реалноста граѓаните едвај преживуваат“, велат од СДСМ кои се пожалија дека нивните предлози и закони кои ќе го запрат пропастот, ВМРО-ДПМНЕ упорно игнорира.