СДСМ: Мицкоски „не е од тука“ кога се бара зголемување на минималната плата
Кога се платите на работниците во прашање Христијан Мицкоски се прави како да не е од тука, само за да не преземе одговорност затоа што нема поголеми плати, порача денес Рената Младеновска од СДСМ.
-Каков е тој став на премиер кој вели минималната плата друг да ја договори? Вакво бегање од одговорност досега е невидено. Владата за што е, ако не е за да обезбеди поголеми плати за работниците? Или за Владата се важни само платите во Влада кои ги зголемија на 100 илјади денари? Кога е за платите во Влада, Мицкоски не остава на друг да се договори, ама кога е за платите на работниците има поинаков аршин, рече таа.
СДСМ поднесе предлог Закон за изменување на минимална плата, со цел да се подобри животниот стандард на граѓаните.
-Но, проблем е што Мицкоски не сака и не се грижи за работниците туку ги третира како евтина работна сила.Со ваков арогантен однос на Мицкоски неговата Влада работниците ќе осиромашуваат и понатаму, порача Младеновска.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак тврдат дека само за пет месеци ги зголемиле платите во повеќе области.
-Со СДСМ бевме на праг на банкрот, а по само 5 месеци власт, Владата со Сојузот на синдикатите склучи историски договори за зголемување на платите во образованието за 46 отсто до крајот на мандатот, од 40 отсто до 50 отсто во здравството, а догодина ќе се зголемат платите и на административните работници, соопшти партискиот центар за комуникации.
„Пензиите на пензионерите ќе се зголемат за 5.000 денари – 2.500 денари се веќе реалност, а 2.500 денари на своите сметки пензионерите ќе добијат во март. Со мерката за ограничување на маржата за училишен прибор, на граѓаните им се намалија давачките за училишни прибори и реквизити за училиште. Со намалување на синдикалната кошничка, во одделот за храна и пијалоци, се намалија давачките на граѓаните за околу 1.500 денари, или 18 илјади денари годишно за едно домаќинство. За разлика од 2023 година, во власт на СДСМ кога инфлацијата беше 9,4%, 2024 година со само пет месеци власт на ВМРО-ДПМНЕ, инфлацијата ќе биде 3,5%, а проекциите за 2025 година се дека инфлацијата ќе биде на ниво од 2,5%“, се наведува во соопштението.