СДСМ: Мицкоски и половина влада имаат „бугарска самосвест“, а бараат други „предавници“

СДСМ реагира на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека лидерот Венко Филипче и партијата одработуваат за Бугарија заради лични интереси – тези што се крајно несериозни за сериозна владеечка паертија. Според нив, сите овие обвинувања имаат за цел да се сврти вниманието од информацијата дека премиерот Христијан Мицкоски аплицирал за бугарски пасош – нешто што тој не го негира неколку дена.
-Во целосен очај и паника е ВМРО-ДПМНЕ откако се обелодени скандалот дека Мицкоски имал бугарска самосвест и барал да извади бугарски пасош. Мицкоски се уште не ги демантира информациите за тоа дека барал бугарско државјанство, па наместо тоа во паника мора да ја обивнуваат СДСМ за да си го спасат рејтингот.
Кампањата на ДПМНЕ преполна со лаги, навреди и барање внатрешни непријатели е одамна прочитана книга. Излитена плоча која веќе никој не ја слуша. Но, граѓаните ја знаат вистината. И таа вистина е дека овој театар со „патриоти и предавници“ служи само за едно – да се сокрие епскиот неуспех на власта на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Служи за да се скрие фактот дека Мицкоски и пола од неговата Влада имаат бугарска самосвест. За повеќе од една година оваа власт нема ништо ама буквално ништо испорачано за подобар живот и иднина за граѓаните. Служи да се скријат сите скандали, длабоката партизација, нарушената безбедност и убиства, урнисан животен стандард, осиромашени земјоделци.
Ова е веќе многу пати видено сценарио во кое ВМРО-ДПМНЕ фатени во врвот на сопственото лицемерие и антимакедонизам креираат атмосфера на поделби. Им порачуваме само едно, граѓаните овој филм го имаат гледано многу пати. Граѓаните ви ја препознаваат лажната грижа, лажниот патриотизам, ви ја читаат пропагандата и мизерните поделби. Знаат дека тоа е пат кон пропаст, пат кон трајно уништување на македонското национално ткиво. Тоа што го правите е вистинско национално самоубиство со единствена цел да го скриете својот катастрофален неуспех на секое поле, порачуваат од СДСМ.
Претходно преку соопштение ВМРО-ДПМНЕ ја обвини СДСМ и претседателот, Венко Филипче, дека активно поддржуваат бугарска пропаганда во Македонија, со цел да ги негираат македонскиот идентитет, култура и државни интереси. Според владејачката партија, однесувањето на структури во СДСМ е „срамно и антимакедонско“, а зад сè стојат лични бизнис интереси и пари од Бугарија.
„Структури на СДСМ поддржуваат опасна бугарска пропаганда која има за цел негирање сè што е македонско. Амбасадорот на бугарските интереси и пари во Македонија е СДСМ и Венко Филипче“, се наведува во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека не е случајно што постојан мета на критики од СДСМ и од структури поврзани со официјална Софија е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски, кого го опишуваат како „предводник на политиката за заштита на македонските интереси“.
„Јасно е зошто се нападите врз ВМРО-ДПМНЕ и пред сè врз Мицкоски. Тој е пречка за распродажбата на државата, затоа што се грижи за секој еден граѓанин и го брани националниот интерес“, велат од партијата.
Понатаму, во соопштението се потенцира дека однесувањето на структури од СДСМ е срамно, особено затоа што, како што тврдат од ВМРО-ДПМНЕ, тоа се прави под влијание на бугарски финансиски интереси.
„Срамно е однесувањето на структурите од СДСМ кои поддржуваат бугарска пропаганда, а сето тоа за да си заштитат лични бизнис интереси“, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, граѓаните јасно знаат кој се грижи за Македонија, а кој ја распродава државата за сопствена корист. Како што велат, ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да се бори против сите форми на странско влијание кои ги поткопуваат македонските вредности и идентитет.
„Секој еден граѓанин ги има прочитано внатрешните структури што се вклучени во ваква антимакедонска пропаганда. Секој знае кој навистина го брани интересот на Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ, стои во соопштението.