СДСМ: Мицкоски го остави судството без реформи, Јаневска ги остави учениците без учебници

СДСМ денеска упати серија критики кон власта, обвинувајќи за неисполнети ветувања и неработење во клучни сектори – правосудството и образованието.
Во соопштение од партијата се наведува дека премиерот Христијан Мицкоски повторно се обидел да ја изманипулира јавноста со празни флоскули за судството и обвинителството, додека фактички, откако е на власт, не донел ниту еден реформски закон.
„Наместо ветените промени, Мицкоски го претвори правосудството во партиска филијала – со судии сопружници на негови градоначалници и роднини на коалициските партнери“, стои во реакцијата.
СДСМ оценува дека Мицкоски една година ја потрошил во политички пазарења и кадровски комбинации, додека судството го држи „во заложништво на ВМРО-ДПМНЕ“.
Паралелно, на прес-конференција, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, го отвори прашањето за учебниците, обвинувајќи ја министерката за образование Весна Јаневска дека ги оставила учениците без основното право на квалитетно образование.
„Помина цел месец од почетокот на учебната година, а учебници сè уште нема. Власта ветуваше дека секој ученик од 1 септември ќе има учебник, а излажа. Родителите не се должни да печатат материјали дома, ниту наставниците да импровизираат“, изјави Кузеска.
Таа додаде дека Министерството мора да обезбеди план, логистика и контрола, и веднаш да ги достави учебниците до училиштата. „Весна Јаневска мора да понесе одговорност затоа што излажа и затоа што учениците ги остави без учебници“, порача Кузеска.