СДСМ: Љутков се кити со туѓи перја, проектот за Лешочкиот манастир е започнат и финансиран од претходната влада
Комисијата за култура на СДСМ денеска преку соопштение упати остри критики до министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, обвинувајќи го за обид за присвојување на туѓи заслуги во врска со реконструкцијата на Лешочкиот манастирски комплекс.
Љутков од Лешок: Во јуни завршува обновата на стариот конак
Од опозициската партија велат дека изјавата на министерот Љутков е „уште еден обид за присвојување на проект кој е започнат, финансиран и реализиран во повеќе фази токму во време на Владата предводена од СДСМ“.
Според СДСМ, конзервацијата и ревитализацијата на манастирот не е нов успех на сегашната власт, туку долгогодишна стратешка инвестиција.
Оттаму додаваат дека наместо резултати, јавноста е сведок на класичен пример на политички маркетинг каде министерот **„се кити со туѓи перја, претставувајќи како свој успех проект кој не го започнал, ниту суштински го водел“.
Комисијата за култура изрази сериозна загриженост поради присуството на партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ при официјалната посета на манастирот. Тие посочуваат дека на настанот, покрај стручните лица, биле присутни и претседатели на општински комитети од Тетово и Гостивар.
„Ова претставува класичен пример на недозволиво преклопување на партијата со државата и груба политизација на институциите“, реагираат од СДСМ.
Дополнително, од СДСМ алармираат дека додека се врши партиска промоција, клучните заштитни активности на терен стагнираат.
„Алармантно е што активностите за конзервација на црквата ’Св. Богородица‘ се ставени во мирување, што отвора сериозни прашања за капацитетот, планирањето и стручниот пристап на актуелното раководство во заштитата на културното наследство.“
На крајот од соопштението, Комисијата за култура на СДСМ испорача неколку барања до ресорното министерство: Итна деполитизација на културните институции; Транспарентност во реализацијата на проектите; Јавно признавање на досегашните вложувања без партиско присвојување.
„Културното наследство не е партиска сцена за политички маркетинг. Тоа е темел на нашиот идентитет и обврска кон идните генерации“, заклучуваат од СДСМ.