СДСМ: Колку чинат ескурзиите на Љутков во странство?


Додека институциите на културата едвај преживуваат, а вработените и понатаму се без исплатени плати, министерот за култура Зоран Љутков, заедно со голема партиска свита, си организираа „дипломатска“ екскурзија во Јапонија, коментира СДСМ околу престојоит на Љутков на меѓународниот настан ЕКСПО во Јапонија во многубројна делегација.

-Со него се и министерот Тимчо Муцунски со сопругата, генералниот секретар на Владата и уште неколку „културни авторитети“, наводно за поддршка на ансамблот Танец и „јакнење на културната соработка“. Колку точно лица брои оваа луксузна делегација? Колку народни пари беа потрошени за патувањето во Осака, за авионски билети, сместување, дневници, протоколарни вечери, гардероба и подароци? И што, всушност, ќе донесат назад во Македонија? Освен албум со селфиња, објави за „успешни средби“ и неколку звучни фрази за „интеркултурен дијалог“?

Врв на иронијата, организирале и изложба посветена на архитектот Кензо Танге, визионерот што го проектираше Скопје по катастрофалниот земјотрес од 1963 година. Истото Скопје кое ВМРО-ДПМНЕ, со истата оваа структура, го изобличи со стиропор и лажен барок преку проектот „Скопје 2014“. Па кој има образ сега да го слави Кензо Танге, кога неговото дело беше грубо погазено со партиска стиропорна естетика и кич?

Граѓаните заслужуваат одговор: Колку ги чинат екскурзиите на Љутков, колку чини оваа парада? И дали културата е само алиби за туристички луксуз?-порачуваат од СДСМ.