СДСМ: Ќерка фирма на Казанџи Холдинг обвинета за корупција во Гана


СДСМ реагираат дека владејачката партија подготвува „уште еден срамен чин на предавство на националните интереси“ и дека, наместо да спроведе транспарентна и законска постапка за изградба на нов дистрибутивен систем за природен гас, како што е наведено во Законот за енергетика (кој патем сама го донесе), зад затворени врати подготвува потпишување на нелегален меморандум за соработка.
 
-Овој потег не е само заобиколување на Законот за енергетика, туку е и директен удар врз енергетската иднина и безбедност на Република Северна Македонија. Замислете, во земјите од ЕУ граѓаните се исклучуваат од природниот гас и своите гасни бојлери ги заменуваат со топлински пумпи, а кај нас допрва ќе се градела дистрибутивна мрежа на гас. Сите развиени земји од ЕУ го спроведуваат јасниот план за намалување на употребата на природниот гас во домаќинствата. Ги прашуваме премиерот и министерот за енергетика:
 
Зошто се заобиколува членот 94 од Законот за енергетика, кој јасно налага изборот на партнер за изградба на дистрибутивната мрежа да се врши преку транспарентна тендерска постапка?
 
Чии интереси ги штити власта кога за стратешки партнер избира компанија која веќе е фатена и откриена во истраги за поткуп и сомнителни зделки?
 
Дали власта спрема огромна курпција: Ќе соработува со Казанџи Холдинг, чија ќерка фирма АКСА ЕНЕРЏИ е обвинета за корупција во Гана?
 
Дали овој меморандум е цената што треба да ја платат граѓаните за нечии лични и партиски бизнис интереси?
 
Дали имате направено анализа за потребите од електричната енергија како и од природниот гас, со потребните сценарија како би се реализирала инвестицијата?
 
Дали подготвивте Стратегија за развој на енергетиката за следните 20 години, што ви е обврска по законот за енергетика.
 
Што доколку граѓаните не сакаат да се приклучат на природен гас, имајќи во предвид дека, сите релевантни анализи покажуваат дека овој енергенс е најскап за користење за граѓаните.
Што му ветивте зад затворени врати, на странски инвеститор, за да вложи 1 милијарда евра?- порачуваат во реакцијата од СДСМ.
 
Опозициската партија бара итно и неотповикливо откажување од намерата за потпишување на каков било меморандум со споменатата компанија.
 
-Бараме целосна транспарентност за сите досегашни преговори и активности поврзани со овој проект. Бараме безусловно почитување на законот и јавна дебата за развојот на енергетскиот сектор.Нема да дозволиме иднината на нашите граѓани и енергетската стабилност на државата да бидат заложници на криминални и нетранспарентни договори. Нашата борба за владеење на правото и заштита на јавниот интерес продолжува, реагираат од СДСМ.
 
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека на СДСМ им пречи што Казанџи Холдинг ќе вложи милијарда евра за енергетиката сега, а тие кога беа на власт со ДУИ не успеале да ја договорат оваа зделка.

 

-СДС мора да се навикнат дека нивното време заедно со ДУИ заврши. А со тоа завршија и матните тендери, класифицираните договори, неколкукратните анекси на договори. Заврши времето кога СДС остави скандалозни и криминални договори, заврши времето на ликови како Васко Ковачевски кои ја уништија државата и ја упропастија енергетиката во секој поглед, каде што секој месец наредни 15 години ќе плаќаме по 300 илјади евра за фактури.

Сега, ВМРО-ДПМНЕ ги гради темелите на енергетиката. За развој на нови капацитети за производство на струја, изградба на дистрибутивна мрежа за природен гас,  како и мерки за зголемување на сигурноста во снабдување со гас, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.