СДСМ ќе поднесе закон за зголемување на минималецот ако Владата не обезбеди пари за негово зголемување


Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска на денешната прес-конференција истакна дека доколку власта не обезбеди пари за зголемување на платите на работниците, нивната пратеничка група ќе поднесе Закон за зголемување на минималната плата.

-Последната изјава дека нема пари за поголеми плати за работниците, дека нема пари за поголема минимална плата, уште еднаш покажува отсутност од реалноста. Тоа значи дека стандардот на граѓаните ќе продолжи да се намалува, граѓаните ќе имаат се помалку пари и нема да можат месецот да го поминат со високите сметки и цени на храна. Парите од буџетот мора да бидат наменети и за граѓаните. Бараме од власта и владејачкото мнозинство да обезбеди пари за покачување на минималната плата. Тоа е работа на Владата, да најдат пари за поголеми плати за работниците и да им помогне. Работниците заслужуваат достоинствен живот, а не беда и понижување. Доколку власта тоа не го направи, СДСМ ќе поднесе Закон за зголемување на минималната плата. Најмалку што заслужуваат работниците е фер минимална плата од 500 евра за достоинствен живот, рече таа.

Во однос на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека Сојузот на синдикатите на Македонија е портпарол на СДСМ, Лукаревска нагласи дека недозволиво е како политички партии да го стават Синдикатот во каков било контекст за некаква припадност.

-ССМ треба да биде коректив и на власта и на опозицијата и транспарентно и јасно да ги каже своите барања. Кога Владата на СДСМ ја менаџираше и кризата секој пат на Економско-социјалниот совет беше поканет и ССМ и таму имаше редовни состаноци. Тие не обвинуваат дека ССМ е портпарол на СДСМ, меѓутоа знаеме и свесни сме има податоци и факти дека и тие имаа координирани состаноци со ССМ. Недозволиво е како политички партии да го ставиме ССМ во било каков контекст за некаква припадност, односно приближување на ставови со една или со друга политичка партија. Сепак Синдикатот е оној кој што треба да ги штити работничките права. Така е во светот, во Европа, така треба да биде и кај нас, рече пратеничката на СДСМ.

Лукаревска потенцира дека клучните параметри покажуваат дека на македонската економија не и оди и оти граѓаните имаат се помалку пари.

-Економијата тоне, животниот стандард на граѓаните драстично се влошува, а власта покажува неспособност и целосна незаинтересираност за кризата која самата ја предизвика. СДСМ предлага конкретни мерки и закони кои ќе го запрат економскиот пад, кои ќе ги покачат платите и ќе ги намалат сметките на граѓаните, но ВМРО-ДПМНЕ упорно ги одбива, рече Лукаревска. 

Клучните параметри, додаде таа, покажуваат дека на македонската економија не и оди, дека граѓаните имаат се помалку пари.

-Инфлацијата е зголемена и изнесува 5 проценти. Цените на храната се зголемени за 20 проценти. Индустриското производство е во пад од 1,4 проценти, а извозот е намален за 5,9 проценти. Платите стагнираат, нема зголемување ниту на минималната, ниту на просечната плата. Најновите податоци се загрижувачки. Дури 83 илјади работници не ја добиле јануарската плата, рече Лукаревска.