СДСМ ќе одржи дигитален конгрес на 25 октомври


Фото: Б. Грданоски

Конгресот за анализа на резултатите од годинашните парламентарни избори ќе се одржи онлајн, кога ќе се разговара и за измени на Статутот, со цел воведување непосредни внатрепартиски избори за челните функции во партијата, најави владејачката партија СДСМ.

СДСМ на 25 август ќе одржи конгрес за анализа на изборните резултати, како што е предвидено со партискиот Статут по секои парламентарни избори. Конгресот на водечката левичарска партија во земјава првпат ќе заседава онлајн, како што најави денеска генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски.

„На 25 октомври, в недела, ќе се одржи дигитален конгрес на СДСМ. Согласно новата нормалност, се грижиме за здравјето на граѓаните, но и на делегатите, гостите и медиумските работници. На овој дигитален конгрес ќе биде даден отчет за досега сработеното, со осврт на изборниот резултат, победата на парламентарните избори и визијата за следниот четиригодишен мандат, даден од граѓаните“, изјави Николовски на прес-конференција во партиското седиште.

Делегатите на СДСМ последен пат заседаваа во живо во март годинава, во почетоците на ковид-кризата во земјава, кога се утврдуваа кандидатските листи за пратеници на годинашниве избори.

Тој најави дека на конгресот ќе се разговара и за измени и дополнувања на партискиот статут, со цел уште поголема демократизација на СДСМ, така што следната година партиското раководство првпат ќе се избира на непосредни внатрепартиски избори, со учество на целото членство.

– Со измените, првпат во историјата на земјава, СДСМ ќе спроведе директен избор на претседател на партија. Членовите лично ќе гласаат на слободни, непосредни, фер и демократски внатрепартиски избори. Најавувам и други измени, согласно меѓународните стандарди на социјалдемократијата, како што доликува на една прогресивна партија“, рече Николовски.