СДСМ: Каков патриотизам е да дозволиш да изгори над 20 отсто од државата?

Додека Мицкоски се обидува да се промовира себеси за голем патриот кој го редефинира значењето на зборот патриотизам, во две години од неговата власт преку 20% од вкупната површина на шуми и пасишта се претворени во пепел, оцени денес СДСМ.
– -Само изминатата седмица активни се преку 100 пожари на територија на целата држава. Втора недела се активни пожарите во општина Василево, општина Радовиш и општина Берово. Планината Готен речиси е целосно опустошена.Пожари има и во Прилеп, Македонски Брод, Штип, Зелениково, Желино, Струмица, Шуто Оризари и Карбинци, Куманово, Липково, Гостивар, Нагоричане, Росоман. Во пожари гори цела Македонија.
Оттука се поставува прашањето, дали и ова е дел од патриотскиот план на Мицкоски? Со кое лице Мицкоски зборува за патриотизам откако ја остави државата без соодветна опрема за справување со пожари. Лани Мицкоски ветуваше целосна ревизија и модернизација на системот за противпожарна заштита. Она што го гледаме денес е целосна деградација на тој систем.
Наместо нови возила, владата на ВМРО-ДПМНЕ за 7 милиони евра набави службени мобилни телефони.
Наместо нови противпожарни авиони, вработување на пилоти, владата на ВМРО-ДПМНЕ патриотски троши милиони на приватни авиони, хотели, морска храна, папаја, манго .
Наместо вработување на пожарникари, владата на Мицкоски составува списоци во штабовите на ВМРО-ДПМНЕ за вработување во државните институции.
Каков е тој патриотизам ако за една година со прст не си мрднал да ја одбраниш државата од огнената стихија во која изгореа околу 20% од шумите и пасиштата?
Каков е тој патриотизам кога во две години во пожари животот го загубија 70 луѓе?
Не е патриотизам да ги оставиш луѓето сами да се справуваат со пожарите. Тоа е предавство, порачаа од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ ваквите критики ги нарекоа морбидни.
-Морбидно е да се слуша СДС како ликуваат за пожарите низ државата. Како со душа да чекаат на државата да и се случи немил настан, за СДС да се јави и од тоа да прави теми за прес-конференции и за себепромоција.Воедно, пожарите, на овие екстремно високи температури, не се проблем само во Македонија, туку целиот регион и држави членки на Европската Унија се соочуваат со огнени стихии.
Дополнително, освен тропските температура, во државата сериозен проблем претставува намерно подметнувањето пожари. Но, и покрај се, борбата со пламените јазици продолжува со сите материјални и човечки ресурси, службите и пожарникарите се постојано на терен и даваат натчовечки напор за да спасат што е можно поголеми површини.
Друго, кога СДС вика дека државата нема соодветна опрема за справување со пожарите, тоа е всушност нивно признавање дека за седум години власт оставија пустош зад себе и не вложиле во нова опрема, како ни противпожарните единици, така ни во други витални институции. Тоа што СДС уништи и остави пустош по институциите, не може да се среди за една година.
Потсетуваме на уште нешто, во период на владеење на СДС, додека пожари беснееја низ државата, Зоран Заев и Венко Филипче без никакво чувство на грижа и одговорност, се сончаа по грчките плажи.Затоа, СДС нека каже каков е тој нивен патриотизам кој ликува на кога немили настани, како пожарите, им е случуваат а и кога тие беа на власт, наместо да се борат да ги изгаснат, се ладеа во морските води на Егејот. Сега, за разлика од тогаш, сите служби се на терен, се даваат натчовечки напори, се користат сите ресурси и сите пожари, од кои добар дел подметнати, се ставаат под контрола и навремено се гасат, возвратија од власта.
Според податоците oд ЦУК, еден од најсериозните пожари е оној што се проширува во атарот меѓу Василево, Радовиш и Берово, каде се гори планински предел – Голем Готен и делови од Малешевските Планини. Станува збор за пожар кој уништува нискостеблеста шума, смрека и густа вегетација, а пристапот до некои точки е речиси невозможен за теренските екипи.
Во Прилепскиот регион, два пожари се сè уште активни. Едниот се проширува во село Бешиште, каде огнот се движи кон село Градешница и кон граничниот појас со Грција, горејќи мешана шума. Вториот пожар е активен во кракот кон село Дрен, додека делот помеѓу Царевиќ и Смолани засега е под контрола. Овие пожари постојано се реактивираат поради ветерот и високите температури.
Во општина Македонски Брод, повторно се шири пламен меѓу селата Црешево, Локвица и Крапа. Станува збор за пожар кој зафаќа деградирана дабова шума и грмушки, а теренот е крајно непристапен. Штипскиот регион се бори со нов пожар помеѓу селата Драгоево и Селце, каде гори нискостеблеста шума, прнар и сува трева, што ја зголемува опасноста од неконтролирано ширење.
Во општина Желино, огнот беснее меѓу селата Церово и Групчин, каде гори деградирана и нискостеблеста шума, а пожарот се движи по тешко пристапни падини.
Од другите пожари, тројца се ставени под контрола — тоа се пожарите во Грешница и Латово (Македонски Брод) и во Јунузлија (Карбинци). Иако ситуацијата таму е под контрола, надлежните остануваат на терен поради ризикот од повторна активација.
Добрата вест е дека три пожари се целосно изгаснати – во Струмица (место викано Три Води), во село Гумалево (Зелениково) и во Шуто Оризари, каде изгоре дива депонија на улица Брсјачка Буна.