СДСМ: Како добивал тајни информации членот на обезбедувањето на Мицкоски?

Портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска, во изјава за медиумите, реагира дека МВР не кажува дека членот на обезбедувањето на премиерот Христијан Мицкоски, кој е уапсен поради издавање тајни информации на група од Грчец, нема никаков пристап до тајните информации, кој му ги доставувал и до каде ќе оди истрагата.
Според Кузеска, од она што досега го гледаме „личното обезбедување на Мицкоски, односно обезбедувањето кое што го бира тој се поврзани со многу скандали“.
– МВР должи одговор, да кажат како ги добивал информациите и кој му наредил да ги дава тие информации на оваа група, бидејќи истиот тој немал пристап до тие информации, изјави Кузеска.
Претходно СДСМ во соопштение до јавноста, изрази сомнеж за постоење на силна координација и соработка меѓу најблиските луѓе на Мицкоски и криминалното подземје, откако вчера, Ангел Самараков, беше фатен како оддава службени тајни на лица од Грчец.
Од ВМРО-ДПМНЕ, во реакција на соопштението од СДСМ, порачаа дека „тешко е СДСМ да ја сфати борбата против криминалот, но кога последен пат бил уапсен член на обезбедување на премиер“.
-Наместо да ја поздрават акцијата на МВР, да научат како државата мора да ги победува тие кои ја злоупотребуваат, СДС како дете на кое ништо не може да му се погоди само реагираат колку да кажат нешто, а во недостаток на автентична политика и конкретни и реални решенија…. Ако не апси мвр лица блиски до ВМРО-ДПМНЕ, тогаш СДС обвинува за селективност, ако апси МВР блиски до ВМРО-ДПМНЕ, тогаш СДС обвинува друго. Човек крај не може да им најде на овие луѓе, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
МВР вчера соопшти дека на 30 март по претходно добиени сознанија за сторено кривично дело „оддавање службена тајна“ по член 360 од Кривичниот законик, од страна на полициски службеници од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во координација со ОЈО ГОКК спроведена е координирана полициска акција и реализирани се истражни дејствија за претрес на дом, возила и лица на подрачјето на СВР Велес.
Полицаецот од Шестата управа во Министерството за внатрешни работи, кој до вчера беше дел од обезбедувањето на премиерот Христијан Мицкоски се наоѓа во притвор во КУП Затвор Скопје, потврди за МИА, директорот на установата, Бобан Утковски Скопскиот кривичен суд му одредил 30 дневен притвор на Ангел Сарамаков, кој е осомничен за кривично дело „оддавање службена тајна“.
По апсењето, од Владата нагласија дека истрагата треба да утврди што се случило и потенцираа дека безбедноста на премиерот не е загрозена.