СДСМ: Исплатите од ИПАРД не ги стопира ниту Владата, ниту Мицкоски, туку европскиот механизам за финансиска контрола


СДСМденеска преку соопштение ги оцени како „смешни“ изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека наводно по негово барање биле стопирани исплатите од ИПАРД 3.
„Исплатите од ИПАРД не може, ниту законски, ниту процедурно, да ги стопира ниту претседател на влада, ниту министер, ниту партија“, велат од СДСМ.
Од опозициската партија посочуваат дека такво нешто може да направи Националниот овластен службеник за авторизација (НОА), институција што делува во рамки на Министерството за финансии, но работи независно, според европски пропишани правила и стандарди.
Тоа значи дека НОА не постапува по налог на Владата или на Мицкоски, туку исклучиво по сигнал од Европската комисија или по внатрешна проценка за ризик на системот за контрола на исплатите.
„Мицкоски, обидувајќи се да се спаси од политичка одговорност, се поставува како ‘контролор’ на европски пари, а тоа е апсурд кој ја покажува неговата некомпетентност и паника“, велат од СДСМ.
Според СДСМ, ИПАРД 3 е суспендиран затоа што Агенцијата за доделување на ИПАРД е компромитирана со корупција, злоупотреби и партиски влијанија, апсењето на директорот и неговите блиски соработници, поставени токму од Мицкоски и министерот Трипуновски, е директна причина за активирање на механизмот на суспензија.
„НОА постапува за да ги заштити европските средства од понатамошна злоупотреба“, се вели соопштението, како и дека „Мицкоски не може да го претстави тоа како сопствена одлука, затоа што ова е санкција од европскиот систем на контрола – не успех на Владата, туку доказ за нејзин неуспех“.