СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се обвинуваат за хаосот со јавниот превоз


Фото: Б. Грданоски

Место да го решат проблемот со јавниот градски превоз во Скопје откако ЈСП остана без бензин а граѓаните во неизвесност дали ќе можат да отидат на работа, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се препукуваат кој е крив за случувањата на кои и самите им кумуваа во голема мерка. Иако вакво изживување и понижување на граѓаните не е видено во Европа, кризата во ЈСП им е повеќе шанса за политички пи-ар отколку проблем.

Според СДСМ Скопје е во тотален хаос и нефункционалност веќе четири години само поради неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ и нивните кавги со Арсовска.

-Политичките пресметки се врз грбот на граѓаните на Скопје, затоа скопјани немаат превоз, немаат град. ВМРО-ДПМНЕ има мнозинство во Советот на град Скопје, но секогаш советниците ги кочат одлуките на штета на граѓаните. Управниот одбор на ЈСП исто така е на ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ го остави Скопје без автобуси и создаде хаос во јавниот превоз. Нема ниту М од модерно Скопје. Ги нема ветените 250 нови автобуси кои Мицкоски ги ветуваше пред скопјани а го нема ниту бесплатниот превоз. Само заради тоа што им пропаднаа бизнис зделките со Арсовска.Јасно е ВМРО-ДПМНЕ создаде хаос во Скопје, тие се најголемите виновници за катастрофата која што му се случува на ЈСП и на целиот град, порачаа од СДСМ.

Од партијата пак што ја избра и ја донесе на функција градоначалничката Данела Арсовска само ги препишаа претходните соопштенија во кои за се е крива  нејзината неспособност и „коалицијата со СДС и ДУИ“.

-Данела Арсовска, нејзината неспособност и коалицијата со СДС и ДУИ ќе го остават Скопје повторно без јавен превоз.

-Данела Арсовска треба да научи дека не може да користи услуги без да ги плати.

-Пуцко Петрол е дел од ДУИ, со кои таа е во коалиција.

-Пуцко Петрол е дел од постапка за која беше и во притвор, и тоа говори колку оваа власт сака да расчисти со такви структури. А од притвор го спасија менторите на Арсовска, судиите на СДС и ДУИ.

-Против Пуцко Петрол има постапка за која тој ќе одговара.

Не поминуваат детските досетки на Данела, таа треба да почне да плаќа тоа што троши, а не да фабрикува хаос со нејзините пријатели од ДУИ и СДС, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ како да целата држава постои само за нив како партии, а граѓаните се колатерална штета, односно жртви што ги множат со нула.