СДСМ и ДУИ треба да гласат „против“ Тевдовски и Лика


Листата на министри за разрешување се сведе на тројца, откако пред вчерашната собраниска седница во парламентот стигнаа оставките на досегашните челници во земјоделство и во животна средина, Љупчо Николовски – кој стана генерален секретар на СДСМ, и Садула Дураки, кој ротира во новото Министерство за политички систем. Овие две оставки беа констатирани во почетокот на седницата, заедно со оставката што Асаф Адеми ја поднесе како министер за култура – ден по вториот круг од претседателските избори. Оставка поднесе и министерот без ресор Зоран Шапуриќ, за кој има информации дека ќе премине на директорска функција.
Затоа, пак, досегашниот вицепремиер за Рамковен договор Хазби Лика, некогаш висок функциинер во ДУИ, како и Драган Тевдовски од Извршниот одбор на СДСМ и досегашниот министер за локална самоуправа Сухејл Фазлиу од НДП решија да чекаат да бидат разрешени во парламентот. За нивно разрешување треба да се обезбедат по минимум 61 глас, што ги става во неблагодарна позиција пратениците од мнозинството, пред сѐ од СДСМ и од ДУИ, кои треба да гласаат против свои сопартијци.
НДП, која остана без министерското место во локлана самоуправа, каде што како министер доаѓа Горан Милевски од ЛДП, вчера и на дело покажа дека излегува од владејачката коалиција. Со тоа владејачкото мнозинство останува со пратеник помалку, односно засега ќе брои 67 члена.
Единствениот пратеник од НДП, Весел Мемеди, соопшти вчера дека се повлекува од потпретседателското место во парламентот и најави дека ќе го врати пратеничкиот мандат, по што во собранието би влегла пратеничка од Алијансата на Албанците. Оставки, како што најави Мемеди, ќе поднесат и сите директори и членови на управни и на надзорни одбори од редовите на партијата.
Според Мемеди, НДП не сака да се пазари со премиерот Зоран Заев за Министерството за локална самоуправа, кое, како што вели, им припаѓа на Албанците.
„Оваа министерство секогаш го воделе Албанци и јас немам мандат да правам пазар во име на Албанците и да го оставам оваа министерство на коалицискиот партнер на СДСМ. Како второ, немам никакво морално, ниту друго право да жртвувам една чесна и способна фигура, како што е министерот Фазлиу“, оцени Мемеди.
За реконструкцијата реагираше и опозицијата од албанскиот политички блок. Младите од Беса оставија вчера дршка од метла пред зградата на владата, зашто сметале дека реконструкцијата во владиниот состав е козметичка и претставува рециклирање на неспособен кадар.
„Преку најавувањето на фамозната метла сите мислевме дека навистина ќе почнат промени и реформи. Но, за жал, со оваа козметичка реконструкција на владата, се прави рециклирање на неспособните кадри, наградувајќи ги со министерски позиции токму тие политичари што потфрлија во работата во нивните министерства. Со тоа се потврдува дека оваа влада треба што побрзо да падне“, изјави Лиридон Хусеини, претседател на младите на Беса. (П.Р.)