СДСМ го обвинува министерот Ристовски дека внесол корупција во спортот


Борко Ристовски (Фото: Б. Грданоски)

 

Опозицискиот СДСМ денеска го обвини министерот за спорт Борко Ристовски дека со последните исплати на субвенции кон спортските клубови е внесана голема доза на корупција. Панче Милевски од комисијата за спорт на СДСМ го праша Ристовски по кој систем реномирани фудбалски клубови, од Првата и Втора лига, добиле по нула денари, или нешто ситно, а третолигашки клубови добиле милиони.

„По кој систем на сите третолигаши од Источниот и Југоисточниот регион им исплативте по 0 денари, иако таму има клубови со повеќе децениска историја?  

Зошто од останатите региони, сте исплатиле само на неколку третолигаши, а над 98 отсто од клубовите сте им дале по 0 денари? Имате вршено исплати кон фудбалски школи формирани пред неколку години, а клубови што се постари од вас, не сте им исплатиле ни денар?“, праша Милевски.

Тој побара јавно да бидат објавени објавенисите исплати кон спортските клубови од сите сметки на министерството, па македонската спортска јавност да види кои се тие спортски клубови на кои за само четири месеци добиле над  десетици милиони денари, а кои се тие што не добиле ништо.

„Кои се тие спортски клубови што никој не слушнал и разбрал за нив, а на кој има имате исплатено илјадници евра, а кои клубови во кои што членуваат стотици деца ги оставивте на цедило. За СДСМ, вашиот систем на распределба на парите за спортот е јасен: тој се вика ‘Партиското тефтерче на Мицко’“, нагласи Милевски.

СДСМ располагал со податоци за сите исплати на министерството и ќе го доставел до Основното јавно обвинителство. Милевски рече дека СДСМ секогаш ќе биде на страната на спортистите и јавно ги повика сите спортски клубови, сите информации за корупција во министерството за спорт, да ги достават до СДСМ или до надлежните институции за борба со корупција.