СДСМ го обвини за скандалозно однесување министерот за култура Љутков

Катарина Илиевска – Силјановска од СДСМ изјави денес дека има сериозни злоупотреби и скандалозно однесување во Министерството за култура и туризам, под раководство на Зоран Љутков.
-Прво, својот шофер го унапредил во кабинетски службеник, само за да зема 30% повисока плата. Потоа, вработена од неговиот кабинет ја поставил како претседател на Управен одбор во Опера и балет,што е очигледен конфликт на интереси.
Министерот Љутков потрошил над 50.000 евра за патувања само во второто полугодие од 2024 година. Купени се и нови авионски карти за нова тура во Јапонија за септември, каде на државна сметка ќе настапуваат Ана и Игор Дурловски, кои имаат блиски врски со власта.
На 19 мај годинава, министерот за култура и туризам,Зоран Љутков, ја разрешил државната секретарка Марија Ѓорѓова, со единствена цел – да ѝ овозможи унапредување преку интерен оглас на позиција државен советник за европски прашања и креативни индустрии.Иако официјално разрешена, Ѓоргова продолжи да се претставува како државен секретар. Јавно настапува на настани, отвора изложби, патува на државен трошок: во Ватикан, на Венецијанското биенале, дури и ја примила грчката амбасадорка во својство на државен секретар, позиција од која е службено разрешена, што е своевиден дипломатски скандал.Скандалозно е што по исполнувањето на личните желби, Ѓоргова е повторно вратена на функцијата државен секретар,унапредена и згрижена.
Ова е класично кршење на законите, злоупотреба на институции и директна навреда за сите културни работници во државата. Затоа, СДСМ јавно бара институциите да поведат постапки за ревизија и одговорност, а злоупотребите со јавни функции и народни пари да престанат веднаш. Ова не е политика во интерес на културата – ова е културна катастрофа, порача Илиевска.