СДСМ го обвини Тошковски дека ги враќа „партиските тефтерчиња“ во полицијата

Се враќаме во времето на МВР под ВМРО, кога брутално се кршеа човековите права на граѓаните, порачуваат од СДСМ


Ова е еден опасен, антиевропски закон, еден корумпиран обид за формирање на партиска милиција под команда на Тошковски, која ќе служи за заштита на криминал и партиски интереси на ВМРО-ДПМНЕ, вели Талевски

 

Пратеникот на СДСМ, Миле Талевски, остро реагираше на предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за полиција, нарекувајќи ги директен обид за враќање на партиските „тефтерчиња“ и уривање на институционалниот интегритет.

„Полицијата не смее да биде ничија политичка команда. А токму тоа се прави со овој закон. Ова е еден опасен, антиевропски закон, еден корумпиран обид за формирање на партиска милиција под команда на Тошковски, која ќе служи за заштита на криминал и партиски интереси на ВМРО-ДПМНЕ. Вака продолжениот закон само дополнително ќе ја влоши веќе лошата безбедносна ситуација во државата.Колеги пратеници, со овој закон министерот Тошковски свесно и со умисла го руши системот, креирајќи кариери по партиска линија и спречувајќи го напредувањето на професионалните кадри со искуство и знаење. Се уриваат критериумите за искуство и образование за највисоките оперативни позиции во полицијата“, порача Талевски.
 
Тој ги наброја потоа најспорните делови кои ги ставаат под знак прашалник намерите зад овие измени: 
 
„Со член 4 се бришат критериумите за минимум 6 години работно искуство и 4 години раководна позиција за началник на сектор за внатрешни работи. Тоа значи дека лице без никакво искуство, некој што вчера положил приправнички испит, може да биде поставен на оваа позиција — ако е партиски подобен. Повторувам, без никакви критериуми, може да се избере началник на сектор за внатрешни работи. Со овие измени МВР не се јакне, туку се претвора во сервис на партијата на власт.
 
Особено загрижува фактот што ова се случува во период на бурни геополитички случувања и сериозни безбедносни ризици. Господине Тошковски, со овој закон сакате да ги укинете и регионалните гранични центри. Не знам дали сте при здрава свест, бидејќи со тоа директно се удира врз граничната контрола и се отвора простор за сомнителни шеми со илегални мигранти.
Понатаму, со член 12, вие, министер Тошковски, барате бришење на полициски податоци по 60 дена. Зошто? Кој има интерес од овој член? Кој треба да биде заштитен? Дали сакате да ги амнестирате оние кои вие ќе одлучите дека не треба да одговараат? Ова е скандалозен начин за бришење траги и злоупотреба од страна на вашите луѓе.
 
Еве уште еден доказ дека овој закон служи за создавање партиска војска на ВМРО-ДПМНЕ: со член 15 се подига старосната граница за вработување на 30 години, со што се отвора простор исклучиво за вработување партиски кадри. Наместо да се отворат вратите за млади, образовани луѓе со потенцијал и свежа енергија, се создава систем каде партиски кадри се вдомуваат по партиска линија. А за крај, она што го прави овој закон најскандалозен е бришењето на член 19, со што се овозможува луѓе осудени или со забрани за работа да останат во полицијата и да бидат амнестирани од одговорност.
 
Наместо институција што треба да гарантира ред, законитост и безбедност, полицијата ќе се претвори во прибежиште за лица со криминално досие. Дали навистина мислите дека граѓаните ќе поверуваат дека ова е реформа? Секоја измена од овој закон е чекор назад, враќање на тефтерчето и мрачните практики од времето на Груевски. Овој закон не е реформа – ова е реставрација. Враќање на моделот каде партијата ја контролира полицијата, каде министрите одлучуваат кој ќе биде „голем“, а кој „поштеден“. Се враќаме во времето на МВР под ВМРО, кога брутално се кршеа човековите права на граѓаните, рече Талевски.
 
Според негова оценка сега се одлучува дали ќе дозволиме полицијата да стане алатка за политички прогон, институција што работи за интересите на една партија, или заштитник на безбедноста на сите граѓани?
 
„Размислете добро. Не заборавајте дека и вие утре можете да станете заложници, идни жртви на Тошковски, по рецептот на Никола Груевски. Се воспоставува ист систем на контрола, притисок и уцени. Никој нема да биде поштеден – секој што нема да слуша, ќе биде таргетиран.
СДСМ јасно и недвосмислено се спротивставува на овој предлог-закон. Затоа денеска, повторно, бараме овие измени веднаш да се повлечат. Институциите мора да останат во служба на граѓаните, а не на партијата. Полицијата мора да биде професионална, со критериуми, сознанија и искуство – а не по партиска книшка.
 
Тошковски го претвори министерството, а со тоа и државата, во Див Запад. Укинувањето на критериумите за избор на началници е обид за политичка контрола. Дали повторно одлуките се носат по списоци? Дали граничните центри се укинуваат за да се овозможи шверц на мигранти? На овие прашања чекаме одговори од Тошковски“, рече Талевски на собраниската седница.
 
Тој потенцираше дека Тошковски ќе остане запаметен како најкатастрофалниот министер за внатрешни работи во историјата на оваа држава, а  за сето она што се случува во МВР, однесувањето, хаосот и крајната партизација, Тошковски треба да има барем малку образ, да ѝ се извини на јавноста и да си поднесе оставка од морални причини.

 

„Јавноста добива само бесмислени говори и театар. Ова не е сцена, ова е институција на државата. Тука сте, министре, за да одговарате пред пратениците и граѓаните, а не да бегате од одговорност“, потенцираше пратеникот на СДСМ, Миле Талевски.

Тој нагласи дека СДСМ бара итно повлекување на предложените измени.

„Полицијата мора да остане професионална, натпартиска и водена од знаење, искуство и јасни критериуми, а не од партиска книшка. Овој закон е закана за правната држава и безбедноста на граѓаните.“, рече  Талевски.