СДСМ го нарече „срамно и ниско“ кочењето на помошта за ранливите граѓани од ВМРО-ДПМНЕ


ВМРО-ДПМНЕ во време на криза срамно и ниско кочи законски решенија кои обезбедуваат мерки за финансиска помош за ранливи категории како пензионери со ниски пензии, приматели на минимална помош и самохрани родители, обвини утрово преку соопштение владеечката партија. 

-Веќе трета недела претседателот на собраниската комисија за финансирање и буџет, Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ, не закажува седница на која треба да се расправа за помош за ранливите категории граѓани. Оваа помош е дел од последниот пакет мерки, изготвен од Владата предводена од СДСМ, вреден над 360 милиони евра за поддршка на граѓаните и компаниите за справување со последиците од кризата.ВМРО-ДПМНЕ свесно и намерно опструира законски решенија додека граѓаните чекаат помош од државата.

Ова е уште една потврда на крајното лицемерие на ВМРО-ДПМНЕ. Од една страна продаваат загриженост за граѓаните, а од друга го кочат и опструираат разгледувањето и усвојувањето на мерките за помош. Околу 200.000 лица од ранливите категории, пензионери со ниски пензии, приматели на минимална помош и самохрани родители со нетрпение ја очекуваат финансиската помош, која треба да ја добиваат наредните четири месеци. Во време на криза се потребни брзи и ефикасни решенија.Крајно време е ВМРО-ДПМНЕ да покаже конструктивност и одговорност пред граѓаните, реагираат од СДСМ.