СДСМ ги отфрли обвинувањата на Лефков како флагрантна лага и политичка монтажа

СДСМ ги отфрли обвинувањата на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, за наводна улога на екс премиерот Зоран заев во нарачување на пожари во Македонија како – флагрантна лага и политичка монтажа.
-Нема дно до кое ВМРО-ДПМНЕ и Миле Лефков нема да паднат во своите очајнички обиди за дефокус од нивната неспособност да се справат со пожарите, се наведува во соопштението од СДСМ што МИА го пренесува интегрално. Денес, пред целата јавност, Лефков флагрантно излажa. Наместо факти, тој пласира лажна фотографија од сосема друг човек, со цел да ја поврзе трагедијата од пожарите со Зоран Заев и СДСМ. Човекот на фотографијата што ја објави Лефков НЕ Е приведениот за подметнување пожар и се презива Барабановски.
Станува збор за класична политичка монтажа и опасна манипулација, во која Лефков намерно подметнува лажна информација за да создаде вина и да ја дефокусира јавноста од неспособноста и неуспехот на власта да се справи со реалните пожари и кризи. Македонија за две години е лидер во најмногу изгорена површина по метар квадратен и ова е единствениот спас за ДПМНЕ од сопствениот дебакл. Во нормална демократија, пратеник кој јавно изнесува лажни обвинувања врз основа на монтирани фотографии би си поднел оставка. Но, не и Лефков. Тој продолжува да ја труе јавноста со лажни вести, дури и по цена на нарушување на истрагите и спинови на сметка на човечки животи.
Очекуваме Јавното обвинителство веднаш да отвори предмет за ширење лажни вести и загрозување на правната сигурност, а Лефков да се извини не само на семејството на човекот што го излажал, туку и на целата јавност. СДСМ ќе поднесе и тужба за клевета и нарушување на углед.
Повикуваме и медиумите да бидат внимателни и да не дозволуваат да бидат злоупотребени како алатки за ширење лаги и монтирани конструкции на ВМРО-ДПМНЕ.На крај, уште еднаш лагата има кратки нозе. Оваа евтина кампања се распадна за помалку од 24 часа, стои во реакцијата на СДСМ.
Претходно Лефков објави објави фотографија од човекот за кој вели дека му бил возач на поранешниот премиер Зоран Заев и е фатен како подметнува пожар во Струмичкиот Регион.
„Ова е фотографија на која се гледа шоферот А.Н., како е дел од најтесниот круг на Зоран Заев. Заев лаже кога вели дека А.Н. не му бил шофер. Од фотографијата се гледа дека токму потпалувачот на пожари е дел од неговиот круг кога ги предаваше бомбите во СЈО и кога по кажувањето на нему блиски се опкружил само со проверени луѓе“, вели лефков во серијалот на глупости околу оваа тема кој никој не го зема за сериозен туку се поставува прашање – нема ли попаметна работа владејачката структура во моментов во државата, покрај толку проблеми?.