СДСМ: Фирми блиски до власта во Неготино добиле тендери со цени петпати повисоки од нормалните


СДСМ објави, како што тврди, скандал во Неготино каде  фирми блиски до власта добивале тендери кои вклучувале исплати за изведени услуги – со досега невидени бројки.

-Најновиот скандал со тендерските шеми на ДПМНЕ и изградбата на пазарот во Неготино открива алармантни сомнежи за расипничко и криминално трошење на народните пари. Ова е Договорот за пазарот во Неготино, класифициран како „урбана опрема“, склучен со една од омилените фирми на ДПМНЕ – МАСТЕФ ДООЕЛ, во вредност од околу 420.000 евра. На страна 8 од Договорот, во делот за кровопокривачки работи, стои невидена цифра: за набавка и изведба на 1 м² кровен сендвич панел е наплатено 10.000 денари! 

10.000 денари за квадрат панел платиле неготинчани?! Да не е златен? Да не го набавија од Белизе?Во реалноста, на пазарот, во било кој склад во малопродажба цената на 1 м² сендвич панел (со дебелина од 5 см), со највисок квалитет, се движи околу 1.000 денари. (16 или 17 евра). Ако ја додадеме и работна рака – уште 1.000 денари. Вкупна цена доаѓа до 2.000 денари за метар квадратен.Што значи тоа? Разликата до 10.000 денари е 8.000 денари по м², или 130 евра повеќе – за секој квадрат. За вкупно 440 м², тоа се 60.000 евра разлика – само за покривот!

Во чии џебови завршиле? Ова не е тендер – ова е грабеж.Цените се тука, бројките се јасни, математиката е немилосрдна. Општините на ДПМНЕ вртат тендери со цени што се пет пати повисоки од реалните. СДСМ бара итна истрага!Го повикуваме Јавното обвинителство и Државната комисија за спречување на корупцијата веднаш да постапат, стои во реакцијата на СДСМ.