СДСМ: ЕУ оцени дека Мицкоски е извор на лажни вести
Профилот на социјалните мрежи на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и на неговиот ментор од Будимпешта, како и на неколку медиуми блиски до опозицијата се извори на дезинформации,тврди денес СДСМ повикувајќи се на документ на Европската унија.
-Ова се наведува во студијата посветена на мапирање на лажните вести, подготвена од Генералниот директорат за надворешна политика на Европската Унија по нарачка на Европскиот парламент.Ова е уште една потврда, уште едно демаскирање на кујната во белиот дворец во стечај, во која се готват лажни вести, измислици и дезинформации, на штета на националните и на државните интереси, на штета на граѓаните.Само ден претходно лагите на ВМРО-ДПМНЕ дека наводно повеќе земји членки на ЕУ се против интеграцијата на Северна Македонија, беа демантирани од странски амбасади.
Вистината секогаш излегува на виделина, вистината е дека ВМРО-ДПМНЕ е антидржавна, антиевропска партија, која шири лаги и дезинформации, со кои ги поткопува напорите за евроатлантска интеграција на државата, реагираат од СДСМ.