СДСМ е против измените на Законот за јавни набавки, бара јавна расправа
За СДСМ, Предлог – законот за јавни набавки поднесен од група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ е аларамантен и смета дека носењето закони по скратена постапка отвора простор за манипулација и злоупотреба на институционалната моќ и ограничување на транспарентноста.
„Наместо отворена дебата, критичко размислување и соочување на аргументите сведоци сме на молскавично туркање на законски измени кои често служат за политички интереси и краткорчни решенија. Дополнително оваа практика го нарушува и системот на правна сигурност, што е еден од клучните столбови на правната држава, еден од основните постулати на демократските општества, а тоа е инклузивноста“, истакна денес на прес конференција пратеникот Фатмир Битиќи.
Тој посочи дека кога законите се носат без консултација со засегнатите страни, без отворени дебати и без јавна расправа тој процес ја губи демократска легитимност.
„Токму ова се случува со предлог измените за јавни набавки за којшто слушаме низа на критики од граѓанаскиот сектор и демократски платофрми, здруженија кои ги следат појавите на корупцијата“, вели Битиќи.
Тој образложи дека со предлогот поднесен од седум пратеници од ВМРО-ДПМНЕ има еден нов обид за смена на Комисијата за жалби по јавни набавки, се одземаат ингеренциите на Бирото и се укинува одредбата за транспарентност.
„Впрочем се укинуваат две суштински работи, едната е укинување на управната контрола, единствениот механизам за контрола на јавните набавки од поголем обем, за стоки и услуги и за работи во државата. Се воведува административна проверка наместо управна контрола. Второ, се укинува можноста за јавно објавување на мислењата на Бирото за јавни набавки и исто така и јавните набавки во самото биро. Да не зборувам за зголемување на бројот на членовите, начинот на нивно разрешување и докажвањето на познавањата“, истакна Битиќи.
Од СДСМ сметаат дека е ова директен упад во системот на јавни набавки, потсетувајќи дека законот беше донесен во 2019 година без ниту еден глас против, поддржан од сите пратеници, целосно усогласен со ЕУ легислативата.
Пратеничката група на СДСМ поднесе два амандмани со кои бара останување на сегашните одредби.