СДСМ: ДПМНЕ се врати – слободата на медиумите замина


СДСМ го коментира падот на Македонија за шест места на Индексот за слобода на медиумите за 2025 година, објавен од „Репортери без граници“, што за нив е уште еден алармантен показател за погрешната насока во која оди државата под власта на ДПМНЕ.
 
-Репортери без граници оценуваат дека независните медиуми се изложени „на закани и напади“ и констатира дека владините функционери имаат тенденција да имаат “лоши и понижувачки ставови кон новинарите“. Наместо да работат на унапредување на демократските стандарди, Владата предводена од ДПМНЕ се враќа на старите методи на контрола, притисоци и страв.
 
Секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, слободата на медиумите се гуши, новинарите се ставаат под притисок, а медиумскиот простор се затвора. Оваа тенденција повторно се потврдува. 
Слободата на медиумите е темел на секое демократско општество и СДСМ ќе продолжи да се бори против оваа регресија што ја спроведува ДПМНЕ. Медиумските слободи не смеат да бидат жртва на партиските апетити и авторитарните амбиции на ДПМНЕ, стои во реакцијата на СДСМ.
Ова е само почеток сепак на падот на Македонија на овој индекс судејќи по последните именувања на раководители на функции од страна на Владата во МИА и во други институции кои сугерираат дека ВМРО-ДПМНЕ полека се враќа на кадрите од мрачното минато кога Македонија се „струполи“ во сите слободи.