СДСМ до Тошковски: Имате ли малку совест

Опозицискиот СДСМ денеска уште еднаш обвини дека истрагата за трагедијата во Кочани се води намерно селективно за да се заштитат актуелни функционери, службеници и началници што морале да постапат кобната ноќ, но тоа не го сториле.
„По девет месеци на централна власт и речиси четири години локална власт на ВМРО-ДПМНЕ, никој од нивните не е одговорен, а одговорни се сите службеници и функционери до 2022 година. Кај сите осомничени се водат постапки за периодот од 2012 до 2022 година. Но, што е со одговорноста на оние што на денот на пожарот — 16 март 2025 година — биле на високи полициски функции, но и во други институции?“, праша портпаролката на партијата БОгданка Кузеска на прес-конференција.
„Дури седум началници, командири и заменик-командири од полицијата, кои според законот вечерта биле должни да го превенираат пожарот и да го обезбедат настанот, не го сториле тоа. како е можно, и по која правна логика, никој од нив не е одговорен за настан што се случил за време на нивната смена, а виновни се само претходните?
Како не се најде ниту еден осомничен од актуелните началници и службеници на МВР во Кочани и Штип, кои биле директно одговорни за безбедноста кобната ноќ?
Зошто, на пример, началничката на ОВР Кочани, Марија Цветковска Маневска, не е меѓу опфатените со истрагата? Зошто началникот на крим-полицијата во Кочани, Томо Донев, не е меѓу приведените? Како е можно ниту началникот на СВР Штип, ниту началникот на крим-полицијата во Штип, исто така да не се опфатени со истрагата? Дали овие луѓе се под политичка заштита на Панче Тошковски и ДПМНЕ?“, рече Кузеска и додаде:
„Министре Тошковски, нели имате малку совест? Вие вршите политички терор и прогон само за да ги заштитите оние што вие сте ги именувале и поставиле.
СДСМ беше конструктивна цели 30 дена, оставајќи простор на истрагата, но сега е јасно — оваа истрага е сè, само не правна постапка. Вашата цел не е ништо друго освен создавање целосно лажна слика за тоа кој е одговорен и насочување на истрагата кон минатото. Ова го правите од првиот ден“.