СДСМ: Бесмислена и нефункционална е мерката на Владата за објавување на цените

Опозициската СДСМ вечерва ја оцени како „бесмислена и нефункционална“ мерката на Владата за објавување на цените.
Откако мерката на Владата, со која маркетите задолжително треба да ги објавуваат цените на своите веб-страници, наиде на голем потсмев кога беше најавена, сега истата се докажува и како целосно нефункционална, се вели во соопштението на СДСМ.
Од партијата велат дека на граѓаните им е потребен околу еден час само за да споредат еден производ во сите маркети. Доколку треба да направат споредба на сите производи што редовно ги купуваат, веројатно би требало да земат ден одмор од работа.
„Наместо да ги прифати мерките на СДСМ, со кои реално ќе се намалеа цените на основните производи, Владата реши да им замачкува очи на граѓаните. Резултатот, месеци подоцна, е целосно неупотреблива алатка, осудена на пропаст – и цени кои се вивнати во небо“, се вели во соопштението до медиумите.