СДСМ бара оставка од Тошковски поради небезбедните улици


Опозициската СДСМ побара  оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, поради хаосот што владее на улиците, заради што безбедноста на граѓаните е сериозно нарушена.

– Додека Панче Тошковски се изживува врз граѓаните и поднесува кривични пријави за објави на Фејсбук, криминалните банди му праќаат порака дека тој не ја контролира безбедноста и не му се плашат – рече Симона Цветаноски, членка на Извршниот одбор на СДСМ

Потсети дека  вчера пред полициска станица, сред бел ден во Скопје, се случи уште една мафијашка престрелка. Пред очите на јавноста, во двор на полициска станица се случуваат крвави пресметки со загинати и повредени.

Ова е тотален распад на безбедносниот апарат, потенцира таа.

Уште колку луѓе треба да загинат за Панче Тошковски конечно да понесе одговорност?

– Доста беше Тошковски. Време е за оставка, време е за одговорност.

Тоа е прв чекор за враќање на безбедноста на улиците, во државата, за враќање на мирот и спокојот на граѓаните – рече Цветаноски од СДСМ.

Потребни се промени и итни реформи во безбедносниот систем, нови мерки за зајакнување на јавната безбедност, особено во чувствителните области! – додава.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак, порачаа дека системот функционира, се водат истраги и се апсат луѓе кои во време на СДСМ биле заштитени и недопирливи.

– Во мандатот на нивниот долгогодишен министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски се доделуваа македонски пасоши на светски криминалци, наркобосови, мафијаши, па дури и на припадници на ИСИС. Исто така, за време на неговото министерување и владеење на СДС, пробивани беа акции за меѓународен шверц на дрога. Луѓе од системот под раководство на СДС и Спасовски споделуваа информации со наркокартелите што ги загрозуваа акциите на меѓународните институции за сузбивање на трговијата со дрога – додавата во реакцијата.

Сметаат дека опозиционерите се плашат од тоа дека Панче Тошковски расчистува со криминалците и што законот, после долги децении, важи за сите подеднакво.