СДСМ бара оставка од министерот за спорт Борко Ристовски

Македонија беше понижена, посрамотена и претставена како земја од 19-от век пред очите на меѓународната спортска јавност и тој резил со Младинската олимпијада е најголемиот дебакл во поновата спортска историја на државата. Не е само катастрофалната организација, катастрофални се и резултатите на македонските спортски федерации, кои го одразуваат општото пропаѓање на спортот со оваа Влада и Ристовски како министер, наведува СДСМ во соопштение до медиумите.
“Човекот кој пред неколку месеци ја убедуваше јавноста дека ќе организира „најдобра Младинска олимпијада во светот“ не може да побегне од одговорноста”, велат од СДСМ. додавајќи дека “ВМРО-ДПМНЕ и Борко Ристовски го деградираа и целосно го запоставија македонскиот спортот”.
Меѓу другото, се наведува дека е намалена поддршката на спортот на историски најниско ниво. Наместо 15 милиони евра субвенции, со ребаланост на буџетот поддршката се намали на само 6,7 милиони евра – најмалку досега.
Секој клуб, секоја федерација, секој спортист добива 40% помалку директна поддршка.
“На Ристовски му стана поважна министерската фотелја отколку принципите по кои некогаш настапувал. Денес не ги поддржува спортистите, туку ги брани интересите на своите партиски шефови”, наведува СДСМ во соопштението во кое бара неотповиклива оставка од Борко Ристовски – веднаш.
“Не само поради скандалот со Младинската олимпијада, туку и поради системското уназадување на македонскиот спорт. Одговорност мора да има”, велат од СДСМ.