СДСМ бара одговорност, Дудуш тврди дека снимката била монтирана


Во јавноста вчера беше пласирана аудио снимка за која, медиумот што ја објави тврди дека се слуша гласот на градоначалникот на скопската општина, Шуто Оризари, Курто Дудуш како наводно затвора едно лице во канцеларија и го тепа. Снимката ја објави порталот Лидер со тврдење дека им ја пратил „свиркач“.

Градоначалникот Дудуш најави пријава поради објавената аудио-снимка за интернет порталот „Лидер“. Во изјава за Фокус тој тврди дека станува збор за монтирана сминка која, според него, се користи во функција на политичка хајка со цел нарушување на неговиот углед.
„По повод вчерашната аудио-снимка објавена од т.н новинар Љупчо Златев на која тврди дека се слуша мојот глас, сакам да му порачам, неговото новинарство и професионалност е познато веќе од одамна на пошироката јавност. Со континуирано вклучување во монтирани политички хајки против мене нема да стане поугледен новинар, туку само ќе заработи соодветна пријава за нарушување на углед и чест. Соработката со криминалци од калибарот на Сенат Јашар, поранешен осуденик за вооружен грабеж и осомничен за ред други случи на насилство и нарушување на јавен ред и мир, нема да му донесе новинарски поени бидејќи од такви лица може да добие само монтирани аудио снимки. Да имало вистина во снимката, ќе имало повредени, лекарско уверение, случај!“, вели Дудуш.

Тој додава дека ова се случува во ист ден кога во општината било отворено полициско одделение за прв пат после 30 години.

Од СДСМ чиј член е Дудуш, пак, велат дека осудуваат какво било насилство.

„Тоа е недозволиво и неприфатливо, одговорност мора да има. Очекуваме сите надлежни институции да постапат, да го расчистат случајот и да ја информираат јавноста. Моралните аспекти и личната совест, како и човечкиот интегритет се вредности кои подразбираат и одговорно однесување и делување. Одговорност мора да има, законите важат за сите подеднакво“, велат од СДСМ.